26.09.2014
Каменица, Луковица, СА, СА! Така оди една песна која доаѓа од источните краеви на Македонија, а така и ние, преку Кочани, Македонска каменица, па преку рудникот Саса, нагоре кон Осоговската планина и врвот Руен, највисокиот на оваа планина распространета низ цел североисточен дел на Македонија, а богами и кон Пиринскиот.
Напати го потенцирам моментот дека ретко се упатуваме кон Македонскиот исток, претежно фокусирани кон западните високи врвови. Но веќе некое време ја планирам оваа тура чиј фокус е највисокиот врв на истокот, врвот Руен, еден од ретките таму повисок од 2000 метри. Дојде и тој ден, иако не многу ветувачки во однос на времето. Цело лето беше ужасно од аспект на дождовите, а ете и есента не покажуваше дека условите ќе се подобрат, напротив. Вечерта во Скопје небото се истури, а и утрото беше тмурно и магливо по целиот пат кон Кочани, иако прогнозите беа пристојни. Така и би, како што прогнозираше прогнозата, подоцна времето се подобри и имаше идеални услови за искачување на врвот.
Утрото кога се чекавме се уште беше ноќ. Се собравме повеќе од дваесеттина планинари и планинарки и со чуден ентузијазам тргнавме кон истокот. По Македонска каменица се упативме кон рудникот Саса. За прв пат сум во овој крај, ете не ме навел патот наваму и беше совршена прилика да се запознае и овој рудник за кој толку многу сме учеле по географија во основно. А за да се упатите кон Руен треба буквално да се влезе во самиот рудник (не во окното секако, туку во комплексот) за олово и цинк, да се помине низ сите машини, погони, да се чуе секој звук, да се стигне до малата пруга која води се до окното, над кое секако пишува СРЕЌНО. По скали се качувате покрај окното и се продолжува нагоре низ шумата кон планината. Навистина извонредно искуство беше да се посети тој голем рудник, па и Македонска каменица, малото рударско гратче, кое опстојува благодарејќи на овој рудник кој е тука со векови, но сега повторно рестартиран работи со полна пареа. Тоa и го живна малку овој навистина убав крај по неговото транзициско затворање.
Сето ова можеби беше и една од причините поради која се упативме кон Руен од оваа страна. Пристап кон него има и од Паланечка страна. Од Крива паланка одите до рудникот Тораница, па од таму се искачува врвот. Секако има уште неколку места од каде можете да го искачите. Oд кривопаланечкиот манастир “Св. Јоаким Осоговски” и од Кочанско преку Пониква, a и од Бугарската страна и Ќустендил. Исто така уште една од причините поради која се упативме натаму беше и дружбата со нашите пријатели од ПСД “Осогово” од Кочани кои тоа утро ни се придружија по патот во оваа тура. Може да се каже дека ние им се придруживме на нив, бидејќи тие на овој терен се секој викенд, дали на Руен, или можеби Царев врв, уште еден од оние ретки повисоки од 2.000 метри. И тој беше во опција за оваа тура, но, сепак, изостана за оваа прилика.
И покрај големата група сепак се движевме компактно и сигурно нагоре по маркацијата која ја направиле ПСД “Осогово”, малку отстапувајќи од каде што највеќе ни одговараше. Сонцето веќе во изобилство грееше и го правеше искачувањето забавно. Делумно се оди низ ливади, делумно низ шума, но претежно по голите и благи падини на Осоговијата по кои некој си береше печурки, некој капини, некој шипинки или што веќе дала природата оваа есен. Кон лево се отвора поглед кон Царев врв со своите 2.076 метри надморска висина, а од десно е сртот кој води кон Руен. Ние одиме по средниот срт кој води до седлото од каде можете да изберете дали сакате лево кон Царев или десно кон врвот Руен. Ние го избравме Руен иако постоеше опција да се искачат и двата, за што сепак ќе требаше повеќе време. Газевме низ навистина високата и густа трева, што во овој дел го отежна искачувањето. Како да газите низ длабок снег, но уште потешко, бидејќи тревата не се разгазува како снегот, па секој мора сам да си го пробива патот. Сепак, кога дојдовме до пред седлото поточно патеката која некогаш претставувала мека погранична зона, практично кога влеговме во Бугарија, се најдовме во облаци. Температурата нагло падна и дуваше силен ветар и беше јасно дека овој пат ќе останеме само со врвот Руен.
За кратко бевме и на врвот. Тука се наоѓа котата на самата граница со ознака СФРЈ од едната и НРБ (Народна Република Бугарија) од другата страна (ниту една од котите во пограничните делови на планините и врвовите досега не се сменети). Малку понатаму е и столбот кој најверојатно го означува врвот. Потоа тука е руината која порано била воен објект, а такви има доста по овој пограничен срт. А малку подолу е и заслонот (домчето) Руен, кој практично сега се наоѓа на Бугарската страна. Тука и се скривме од силниот ветер, да закрепнеме малку, да се пресоблечеме, јадеме и да се подружиме. Тука имаше и гости од Бугарија кој до тука дошле со велосипед, а тука беше и пограничната полиција, која ја изврши својата регуларна легитимација.
Откако земавме здив, наполнивме малку и вода, се вративме кон врвот, секако да направивме групни и поединечни фотографии, тргнавме назад. Сепак Царев врв останува за наредната дружба кога ќе има и подобра видливост и услови, а секако и помала и покомпактна група. За назад времето повторно беше сончево, со повремено росење, а очигледно само врвот беше обвиен со облаци, чисто колку да ни го сокријат погледот кон Пирин и Рила.
Повторно преку рудникот и назад во комбе, па преку Саса, Каменица, Кочани, назад кон Скопје. Иако зимата се уште не завршена повторно започна, не ни претставуваше пречка да го искусиме највисокиот врв на Истокот, со што само го потврдивме правилото дека на планина нема лошо време. Останува за следниот пат и Царев врв, можеби од некоја друга страна, но можеби и да се спуштиме малку кон југ и Беласица. Можеби и…
Тони Димитров
Цаци и Макси
Назад кон извештаите