29.11.2013
Падна првиот снег, а веќе беа најавени и нови обилни врнежи во текот на викендот. Временска прогноза која не ветува ниту за еднодневен излет во планина, но за нас беше дополнителен предизвик да ги провериме сопствените можности за логорување на поголема височина во најлоши можни услови. Изборот падна на Титов Врв.
Заминавме за Шапка заедно со Петар во петок навечер и по кусите подготовки со многу тешки ранци се упативме во освојување на планината во 21:30 часот. Времето беше ведро и студено, со безброј ѕвезди на небесниот свод. На Церипашина пристигнавме околу полноќ, па веќе изморени од работниот ден полн со активности, се решивме шаторот да го поставиме овде на 2.520 мнв. Ноќта беше студена, пропратена со ветер од западен правец.
Следното утро го собравме шаторот и во 8 часот продолживме кон Титов Врв, додека полека се навестуваше промената на временските услови. На врвот пристигнавме нешто после пладне и веднаш пристапивме кон поставување на шаторот на 15-20 метри настрана од кулата.
Потоа истопивме доволна количина на снег, направивме топол оброк и чај, за на крајот да одмораме во шаторот очекувајќи вистинско снежно невреме во текот на ноќта.
Така и беше, почнувајќи во 5-6 часот попладнето, на планинскиот масив беснееше невреме со обилен снег и силен ветар непрекинато целата ноќ. Наредното утро ништо не се промени, а пред шаторот веќе имаше 30-тина сантиметри свеж снег. Нашите пријатели од Скопје ни јавија дека попладне треба да има мало расчистување што би можеле да го искористиме за враќање назад, но тоа не се случи. Така, за да избегнеме трета ноќ на планината, околу 15 часот со огромни проблеми успеавме да го собереме шаторот и да се спакуваме, за да тргнеме надолу во најлошите можни услови со помош на ГПС уредот. Бидејќи видливоста беше ограничена на неколку метри, се стемнуваше, а врнежите од снег не престануваа – донесовме одлука да се симнуваме по кружната патека низ долината Вакаф. Знаевме колкави наноси од снег не чекаат таму, но, исто така и дека конфигурацијата на теренот е помалку опасна во вакви услови и има повеќе места каде без проблем би можеле да поставиме шатор.
Околу 18:30 часот го поставивме шаторот по трет пат, овој пат на височина од 2.400 мнв. под источните падини на врвот Бакардан. Истопивме многу снег и влеговме во вреќите за спиење кои веќе беа собрале доволно количество на влага, за да ја минеме и оваа ноќ. Надежта за подобри временски услови наредното понеделничко утро ни се оствари, па уште пред 7 часот го собравме шаторот и продолживме понатаму кон Шапка со ГПС-уредот во рака и борејќи се со големите снежни наноси. Околу 10 часот облаците се расчистија и видливоста беше одлична, па можевме да забрзаме со движењето.
На Попова Шапка се вративме точно на пладне, во понеделник, после три ноќи минати логорувајќи во најсурови зимски услови. Искуство кое е непроценливо!
Александар Кирковски
Александар Кирковски
Назад кон извештаите