12.07.2011
Акцијата “Алпи 2011“ започна на 12.07.2011 кога во попладневните часови го напуштивме Скопје во четиричлен состав (Алек, Дарко, Атанас и Вики) и тргнавме на долга авантура во Италија и Франција. Нашата прва станица наредното утро беше градот Копер на словеченкото приморје од каде ни се приклучи и Андреј, петтиот член на нашата екипа, по што продолживме кон Алања (прекрасно село во Италија сместено во подножјето на Алпите на 1100 мнв).
Во Алања се сместивме во ‘Campeggio Alagna’, камп кој за доста пристојни цени нуди одлични услови за престој. Таму останавме две ноќи пред да се упатиме во освојување на Монте Роса масивот и врвот Zumsteinspitze висок 4563 метри. Нашето искачување започна на 15.07. рано наутро, најпрво со жичарница до П.Индрен, за потоа дел по карпест дел по терен покриен со снег да стигнеме до домот Gnifetti, 3647 м. Истиот ден во тричлен состав (Алек, Дарко и Вики) продолживме со желба да го освоиме врвот, но стигнавме до 4250 мнв од каде околу 14:30 часот решивме да се враќаме назад во домот поради тоа што веќе беше многу доцна. Остатокот од времето во домот Gnifetti го минавме во готвење, анализа на теренот и дебата дали следниот ден да се обидеме да одиме кон врвот затоа што временската прогноза навестуваше лоши временски услови. Долго време минавме и во кревет, на сите ни беше потребен одмор поради наглото менување на надморската височина.
16.07.2011, 05:00 наутро. Сите бевме будни, некои веќе на нозе. Од прозорецот на нашата соба можеше да се забележи дека временските услови не се воопшто лоши како на прогнозата, барем не во раните утрински часови. Знаевме дека ова е нашата шанса, бевме цврсто решени да се искачиме на врвот. По кратка подготовка во 5:30 часот тргнавме кон Zumsteinspitze, за жал не во полн состав, бидејќи Вики и Атанас останаа во домот уште неколку часа пред да почнат да слегуваат надолу. Па така јас, Дарко и Андреј напредувавме нагоре движејќи се во глечерска наврска по Lys глечерот. Се движевме релативно добро, симптомите на блага главоболка од претходниот ден веќе ги немаше и околу 7:30 часот веќе бевме на првото седло на 4250 мнв. Временските услови сеуште беа одлични, со исклучок на студениот силен ветар кој континуирано дуваше. По неколкуминутна пауза продолживме понатаму, за во 09:00 часот да се искачиме на Zumsteinspitze 4563 мнв. Чувството беше фантастично, да се биде на таа височина и опкружен со еден куп околни врвови како Matterhorn, Eiger и Dufour кои претходно сме ги гледале само на интернет. Останавме горе 15-20 минути и започнавме со спуштање надолу, кога решивме дека имаме време да го качиме и соседниот врв Punta Gnifetti 4554 мнв, каде се наоѓа и највисокиот планинарски дом во Европа C.Margherita. Престојот таму ни беше краток, затоа што времето полека се влошуваше и надоаѓаа облаци. Тргнавме надолу повторно во наврска, правејќи само мала пауза кај домот Gnifetti. Попладнето околу 16:00 часот се вративме во Алања, изморени но пресреќни од постигнатото.
17.07.2011. Се разбудивме спремни за следната авантура, наша следна станица требаше да биде Шамони во Франција. Она што не загрижуваше уште од овде беа временските услови, силен дожд паѓаше во текот на целиот ден. Уште полошо што такво време се најавуваше и за целата недела која следи. Се спакувавме и ја напуштивме Алања, со искрена надеж дека повторно ќе и се вратиме во блиска иднина, па тргнавме кон Франција. Во Шамони стигнавме вечерта и веднаш се сместивме во камп, а на посета ни дојдоа старите пријатели од нашите планини кои во тој момент се најдоа таму: Шаго, Надир и Мики. Во разговорот со нив само ни ја потврдија временската прогноза која не беше ветувачка. Следниот ден го минавме во прошетка низ градот и мал шопинг по продавниците за планинарска опрема, а попладнето се видовме со осумчлената екипа од битолскиот клуб ‘Д.И.Мурато’ кои исто така се подготвуваа за искачување на Мон Блан.
19.07.2011, се спакувавме и бевме спремни за поаѓање кон Мон Блан. Наша прва станица требаше да биде домот Tete Rousse на 3167 мнв. До таму се движевме низ вистинско снежно невреме кое дента владееше на масивот. Во домот пристигнавме околу 13 часот, по што веднаш се сместивме. Попладнето го минавме топејќи снег за готвење и играјќи карти. Тука беше и една црногорска екипа со која разменувавме мислења и искуства, тие се беа вратиле од неуспешен обид за освојување на врвот. На чело со водичот Милан, искусен алпинист и хималаец, биле принудени да се вратат назад од 4400 мнв, иако врвот веќе им бил на дофат. Следното утро иста приказна, снежно невреме. Пријателите од Црна Гора не напуштија и заминаа надолу кон Шамони, а иста порака добивме и од екипата од Битола. Сепак ние се решивме да чекаме, со надеж дека утредента ќе имаме повеќе среќа. Денот минуваше бавно, повторно топевме снег и игравме карти, а преостанатата храна ја консумиравме во мали количини и плански.
21.07.2011, 05:00 часот. Одново снежно невреме, планината немаше милост. Не знам како тоа го доживеаја другите, ама јас бев многу разочаран поради фактот што знаев дека мораме надолу. Овој ден беше нашата последна шанса за напредување нагоре, но на такво време немавме шанси, ризикот би бил преголем, шансите за успех минимални. Околу 09:00 часот го напуштивме Tete Rousse и тргнавме надолу, а целиот пат не следеше силна снежна виулица. Нешто после пладне пристигнавме назад во дождливото Шамони, за брзо потоа да го напуштиме со желба што поскоро да бидеме во Копер на словенечкото приморје. На 24.07.2011 тргнавме назад кон Скопје, а пристигнавме следниот ден во раните утрински часови со што заврши нашата авантура “Алпи 2011“.
Александар Кирковски
А.Кирковски и Д.Јанески
Назад кон извештаите