Клубска акција “Алпи 2014“

21.07.2014

После долги подготовки во пресрет на клубската акција на Алпите најавена за оваа година, дојде време за поаѓање. Сите единаесетмина одлично подготвени за предизвикот на 05.07.2014 рано наутро поаѓаме од Скопје и прва станица треба да ни биде малото место Алања во Италија, сместено во подножјето на масивот Монте Роса.

Таму пристигнавме наредното утро и веднаш се сместивме во единствениот камп во ова мало место. По стандардните процедури на проверка на опремата и подготовка на ранците за успон, доста време посветуваме на анализа на временската прогноза. Со оглед на тоа што Алпите се зафатени од силна циклонска активност, не можеме да очекуваме добро време. Сепак, нашата задача овде пред се е аклиматизација пред заминувањето на Мон Блан, па се решаваме и во неповолни услови да се искачиме и да ноќеваме во домот Гнифети на 3600 мнв. Кога пристигнавме во домот беше речиси празен, што е првиот знак дека услови за искачување на околните врвови нема да има. Во текот на попладневните часови и целата ноќ имаше интензивни врнежи од снег што утрото резултираа со 30-40цм свеж снег во околината на домот. И за наредниот ден прогнозата беше слична, па не ни остана ништо друго освен да се спакуваме и движејќи се полека во услови на ограничена видливост да спуштаме надолу. Дождливото попладне во кампот во Алања го искористивме за пакување на опремата, со цел рано наредното утро да заминеме за Шамони како би ја искористиле релативно поволната прогноза за Мон Блан во деновите 10 и 11 јули.

Во Шамони пристигнавме на 9 јули, а не пречекаа врнежи од дожд кои не престанаа во текот на целиот ден. Се сместивме во камп, прошетавме по продавниците за опрема, и секако повторно ја анализиравме временската прогноза. Околу тоа многу ни помогнаа нашите пријатели од Скопје, Глигор и Благој, кои постојано ни даваа свежи информации. За жал, поради силниот циклон прогнозите не беа поволни, а воедно и крајно непредвидливи. Сепак, ако веќе требаше да има макар едно добро претпладне тоа требаше да се случи во петок на 11 јули. Па така нашата замисла беше еден ден претходно да се искачиме до домот Де Гуте на 3800мнв и оттаму да видиме какви се шансите за искачување на врвот наредниот ден. На 10 јули го фативме првиот воз од железницата кон Мон Блан, беше речиси празен. Со оглед на тоа што по четврти пат доаѓам тука, оваа слика за мене беше доволен показател какви се условите горе. На последната станица од железницата, на 2300мнв, не пречекаа 30-тина цм свеж снег – незамисливо за месец јули. Воедно тука стоеше и човек од организацијата на француските водичи кој имаше за задача да не предупреди да не ни помислуваме да одиме кон домот Де Гуте, пред се поради енормно големата количина на нов снег и лошата состојба на овој дел од рутата. Во ред, решивме сепак да се искачиме до домот Тет Рус на 3100 мнв и да видиме каква е состојбата таму. А до домот, по патеката која вообичаено во јули се минува по куси ракави и патики, водевме вистинска борба со снежното невреме и големата количина на нов снег. По пристигнувањето во домот, се сместивме во трпезаријата на заслужен топол чај. Времето поминато таму го искористивме за да поразговараме со малкуте луѓе кои ги затекнавме во домот: неколку француски водичи кои беа категорично решени да слегуваат надолу не ни помислувајќи да се искачуваат во такви услови, неколкумина збунети шпанци кои на крајот се решија на истиот потег, како и група руси со желба да се обидат нагоре. Воедно добивме и информација дека веќе 5 дена по ред нема ниту едно успешно искачување на врвот. Овде ја разгледавме и свежата локална временска прогноза која навестуваше лошо време во наредните неколку дена. Според моите претходни искуства како и од разговорите со планинари и алпинисти многу поискусни од мене, кога човек ќе се најде во ваква ситуација многу е потешко да се донесе одлука за повлекување отколку да се продолжи нагоре. Меѓутоа носењето на ваква одлука во вистинскиот момент може да ни го спаси животот. Мојот предлог да се повлечеме од планината за среќа едногласно и разумно беше прифатен од сите учесници на акцијата.

По симнувањето во Шамони решивме да ги разгледаме сите можни опции кои ни се отвараат за искористување на преостанатите 2-3 дена од нашето патување. Временската прогноза за Триглав беше ветувачка, па лесно падна одлука да го искачиме највисокиот врв во Словенија. Во долината Врата пристигнавме на 11 јули наутро и се упативме кон домот Кредарица преку Праг. Движејќи се по оваа прекрасна патека погледите постојано ни беа заробени во импресивната триглавска северна стена висока преку 1000 метри. На Кредарица едвај најдовме слободно место да преноќиме, бидејќи домот беше ‘окупиран’ од здруженијата на словенечки борци и армиски ветерани кои одбележуваа одреден празник. Наредниот ден домот Кредарица го напуштивме околу 8:30 наутро, искачувајќи го најпрво врвот Триглав 2864мнв, за потоа да се спуштиме на другата страна на планината во домот Долич на вкусен ручек. Оваа маршута не беше воопшто наивна пред се поради повеќето снежни јазици при симнувањето од врвот кои не принудија во неколку наврати да ги користиме дерезите, без разлика што се наоѓаме на височина од околу 2500м во средината на месец јули. Оттаму уште еден долг спуст до местото Лукња за да се вратиме назад во долината Врата. Се сместивме во прекрасниот Аљажев дом, кој може слободно да се нарече и хотел според условите кои ги нуди. Одлично одморени, избањати и најадени, наредниот ден го посетивме планинскиот музеј во Мојстрана, а на пат кон Македонија застанавме уште и во Љубљана и Загреб на кратка прошетка.

Можам да кажам дека и покрај тоа што главната мисија не беше исполнета, задоволни се вративме дома. Многу побогати за едно големо искуство, особено на оние кои за прв пат беа на Алпите. Планините секогаш ќе бидат таму.

Александар Кирковски

Сите

Назад кон извештаите
  • Vrsnik Step Marketi Velo Helo FPSM Bonita Alga San Alga San Sport Lab ProCredit Bank