19.09.2010
Акцијата „Триглав 2010“ претставува завршна акција на едногодишната активност на алпинистичката секција при КПС „Македон“. Воедно, акцијата е награда – испит на алпинистичка вештина и зрелост на најпосветените членови.
Целта беше да се искачи Северната Триглавска Стена по смер кој целосно одговара на нивото и подготвеноста на учесниците, затоа одбрана е „Кратка Немшка смер“ со излезот „Цимерјан“. Овој, воведен-почетнички смер треба да делува поттикнувачки за искачување на другите повеќе комплицирани смерови во Стената во идни акции односно Македонски алпинистички табори.
Водач на акцијата беше Дејан Крле, кој беше задолжен за транспортот и сместувањето. Водач во смерот беше Јован Попоски и беше задолжен за опремата. Ивана Младеновска се грижеше за финансиите и намирниците. А Тања Пенева за храната и логистиката. Македонската алпинистичка историја ќе ја забележи оваа акција по два моменти: прва Македонска женска наврска (Тања и Ивана) и најмлад и најстар Македонец во Северната Триглавска Стена (Јове на 15 и 63 год.).
Опис
Во смерот влегоа две наврски. Во првата беа Јове и Дејан а во втората наврска Тања и Ивана. Клучот на смерот како прва од двете наврски го помина Тања. Смерот „Кратка Немшка“ со Цимерјанов излез е со општа тежинска оценка IV по UIAA во должина од 800 метри. Искачувањето го карактеризираат скокови, полици, забци и плочи со тежина II / III / IV-. Карпата е компактна во поголемиот дел, но на неколку цугови е ситно ронлива. На повеќето сидришта има солидни алпинистички клинови, а другото обезбедување се состоеше од чокови, френдови, еден вкован клин, и гуртни. Искачувањето беше изведено во класичен алпинистички стил. Тек
19/09/2010 – Со приватно возило патувавме 12 часа од Скопје (МКД) до Мојстрана (СЛО) со попатни паузи и чекање на гранични премини. Во долината Врата се сместивме во Алјажев дом. Вечерта се одморивме од патот и се запознавме со алпинистичката историја на Северната Триглавска Стена.
20/09/2010 – Напладне појдовме низ магливата долина за да ја научиме пристапната патека до Стената. Во текот на овој трекинг постојано ги воочувавме главните карактеристики на Стената од различни агли и далечини и детално го проучувавме смерот со помош на книга-водич и скица. Вечерта лесно вечеравме и ја подготвивме опремата.
21/09/2010 – Утрото се разбудивме во 4:30, а веќе во 7:30 часот почнавме да го искачуваме смерот. Во првата половина од смерот сретнавме две наврски, а качувањето нам ни одеше брзо и лесно, со повеќе паузи за фотографирање и ужинка. Втората половина бевме сами во смерот, со побавно темпо но со ведри лица излеговме од смерот во 23 часот. Во Триглавскиот дом при Кредарица пристигнавме во 2:30.
22/09/2010 – Овој ден го посветивме на искачувањето на врвот Триглав во релаксираната и расположена атмосфера. Денот и панорамата беа прекрасни. По кусата закуска во домот, појдовме надолу кон Алјажев домот во 17 часот по планинарска патека. Долу во домот го славевме нашиот успех до доцна во ноќта.
23/09/2010 – Љубезните домаќини ни дозволија да се наспиеме до пладне, па продолживме во посета на Планинарско-Алпинистичкиот музеј на Словенија во Мојстрана. Оттаму во Планица каде што кампувавме.
24/09/2010 – Од платото пред домот Тамар ги разгледувавме околните алпинистички локалитети Мојстровките, Травник, Јаловец. Направивме опуштени туристички прошетки низ Крањска Гора, Блед и Бохињ.
25/09/2010 – Ја разгледавме Љубљана и нејзиниот стар град.
26/09/2010 – Патувавме назад кон Македонија.
Дејан Крле
Назад кон извештаите