13.09.2021
Ден петок, 10.09.2021 во 16:30 часот, од Скопје, Кире, Петар, Игор и Стефан тргнаа за Битола. Пречекани од домаќините Деско и Сандра се реализираше краток состанок и припрема за викендот. Следуваше вечера и кратка, опуштена прошетка низ Битола. Во меѓувреме, вечерта околу 22 часот пристигнаа и последните двајца членови од експедицијата Цоци и Маја.
Ден сабота, во 06:30 со такси се тргна од Битола до село Меловиште. Забавата може да започне. Прва точка црквата Св. Спас, 2000 мнв, мала пауза и искачување на врвот Вртешка 2010 мнв. Од тука, по изохипса до врвот Мала Чука 2009 мнв, а потоа до врвот Голема Чука 2179 мнв. Целиот предел, магијата и погледот кон Преспанското езеро едноставно ви дава енергија, љубов и приказни за цел живот. На врвот Голема Чука, експедицијата се дели на 2 групи. Кире, Петар и Игор во правец кон врвот Пелистер (Антенa) 2601 мнв, а другата група Деско, Сандра, Стефан, Цоци и Маја по патот кој води кон Големо езеро. Екипата од врвот Пелистер кон Големо Езеро почна да се движи во вечерните часови, преку Мало Езеро. Магична ноќ и пречек на Големо Езеро од останатите членови! Сите среќни, здрави и живи, заедно седнавме да вечерамe, да направиме резиме на денот и да ги прераскажеме предизвиците и убавините. Време за спиење.
Ден недела, изгрејсонце, топол чај покрај Големо Езеро. Следува доручек, припреми за денот и она што следува. Прв на список Голема Грива 2215 мнв, Кире и Игор се поклонија во името на целата екипа. Од тука сите заедно до врвот Муса 2350 мнв. Следува благ изохипсен спуст по каменест гребен и атрактивниот каменест врв Скрково 2146 мнв. Кире и Петар со брзо темпо го искачија и се чекаа доле на седлото, пред последниот врв со останатите членови. Пауза за ручек и собирање енергија за последниот дел од турата. Следува врвот Неолица 1865 мнв. Од Неолица започнува последната делница до Смолево по шумски пат.
Во градот Битола пристигнавме околу 21 часот. Деско и Сандра не угостија во нивниот дом, пиевме кафе, вечеравме. Иако уморни нозете од радост ни играа ламбада. Викенд за паметење, викенд кој ќе ни овозможи лекции и напредок во планинарењето.
Пишува: Кире Мирчовски
Назад кон извештаите