18.11.2012
Шар Планина или Шара, еден од најголемите и највисоките планински масиви во Македонија, со чудесните богатства кои ги поседува, а посебно со грамадноста на својата маса, претставува вечен предизвик за веќе докажаните и успешни, но и за помладите, неискусни планинари, како мене :).
Предлогот и одлуката на ПК “Македон” падна на врвот Бориславец, еден од поспецифичните врвови на Шара. За оние за кои Бориславец беше преголем напор и искушение, целта беше Боговињско езеро (1.936 м.н.в.), најголемото ледничко езеро во Македонија. За мене, ова беше прва посериозна тура и прва во друштво на членовите на ПК “Македон”.
Во неделата, во 05:30 час од пред поштата на железничката станица, започна акцијата, каде попатно се застана на 2 – 3 места за да се собере групата која сочинуваше 21 член. Нешто пред 06:00 час. излеговме од градот и се упативме кон нашата цел. Првата возбуда и пријатно изненадување го почувствував по патот кон тетовско Ново Село, кога движејќи се нагоре со возилото низ магливо и облачно време, во еден момент не огреа сонце, осветлувајќи ги и преубавите снежни врвови пред нашиот видик. Секако, тука се направија првите фотографии, па и не може човек да остане рамнодушен на таква глетка. Во 07:00 часот стигнавме во селото и по кратките подготовки, веќе во 07:15 почнавме да се движиме. Оние жители на селото кои станале рано тоа утро и случајно се најдоа на нашата трасирана патека, не испратија со зборовите “Среќен Ви пат”. Нашето патување започна по еден поширок пат, но за кратко скршнавме од него, односно почнавме да се искачуваме по планински патчиња, по не многу стрмен предел. Утринското сонце и небесното синило ни влеваа многу енергија, упатувајки не на помислата дека пред нас е убав ден.
Во групата бевме неколку членови кои за прв пат или прв пат по подолго време, планинариме. И секако, веднаш сакавме да знаеме кој од врвовите пред нас е Бориславец, колку е стрмен, каде е езерото и колку има до таму и слични прашања. Поискусните членови трпеливо одговараа на нашите прашања. Како се движевме натаму, ридот се повеќе се закосуваше, но секако, тоа не беше проблем. Како што бевме известени, очекувавме дека после првата угорнина, доаѓа порамен терен и навистина беше така. Следеше преминување преку река, кое сите успешно го изведовме со помош на нашиот водач, Дуле. Потоа, повторно малку пострмен и каменест дел, кој откако го искачивме одлучивме дека оние кои беа тргнати кон врвот ќе побрзаат напред, со оглед на тоа дека ги чека подолг пат, а останатите кои планиравме да стигнеме само до езерото, можевме да се движиме со малку позабавено темпо. На местото каде постоеше можност да се тргне по различни правци за назад, Дуле направи пирамида од камења како патоказ, со цел да тргнеме по правата патека која беше предвидена за враќање. Водач на нашата група до езерото и назад сега беше Мила. Одеднаш пред нас се појави езерото, со целата своја должина и ширина, кое се вкотвило во еден карпест басен, вдлабнато меѓу високите врвови, а во подножјето на Бориславец. Беше веќе помалку магловито кога стигнавме на местото, но сепак, успеавме да направиме фотографии и да се одмориме покрај езерото. Од спротивната страна кон врвот ја забележавме нашата група како се движи нагоре. А маглата толку брзо се движеше, и во рок од неколку минути езерото целосно го снемуваше од нашиот видик и за кратко повторно ќе се појавеше. Први од групата се издвоија Алек и Боби, кои тргнаа кон врвот, а по еден час, тргна и втората поголема група кон Бориславец. Групата на почетокот се движеше низ маглата, за набргу да се појави сонце. Според нивното кажување, некаде погоре им се појавил и снег, околу 10 см. кој за среќа не бил замрзнат, ниту пак влажен. Кога групата пристигнала под врвот, им преостанал најтешкиот дел за искачување, голема косина целата покриена со снег. Еден по еден, за околу еден час, групата стигнала на сртот, кој е поврзан со врвот. Но, за жал, снегот токму под самиот врв бил доста замрзнат, и искачување во такви услови станува доста опасно. Поради тоа, решиле да не ризикуваат, додека Алек и Боби некако успеале да го поминат тој дел, и успешно да се искачат на врв.
Тие што останавме само до Боговинско Езеро, патот за назад лесно го погодивме. Внимателно ги слушавме инструкциите на Дуле, иако пирамидата што тој ја направи не ја најдовме. Попатно, кратки паузи, интересни муабети, средби со стада, кучиња и овчари и така се спуштивме до реката. Во селото стигнавме точно пред стемнување и само неколку минути по нас, стигнаа и Боби и Алек, двајцата кои го развејаа знамето на Бориславец. Разменувајќи ги меѓусебно доживувањата за денот, ги дочекавме останатите членови од групата. Веднаш тргнавме кон Скопје и некаде околу 19.30 часот стигнавме на местото од каде што утрината тргнавме. Иако помалку уморни, сите се вративме задоволни и позитивно расположени, дури подготвени и да го продолжиме дружењето во едно скопско кафеанче :).
Марија Михајлова
Марија, Алек и Дуле
Назад кон извештаите