Даутица: една поинаква перспектива, 26 јули 2015

27.07.2015

Уште додека движевме кон Боговињското езеро минатата недела, размислував што тоа би правеле наредната недела и со што тоа ќе ги почестиме планинарските ентузијасти кои ете редовно веќе четири месеци наназад доаѓаат со нас низ планинските убавини на Македонија. Игор Грин Пауер Смилев ја спомена опцијата за Даутица. Тие како координатори на планинарскиот дом Папрадиште се доста често во тој реон, низ масивот Мокра, а баш Даутица е дел од масивот кој навистина ретко се оди. Моето искуство со Голештица, од другата страна на Јакупица, беше доста интересно од аспект на перспективата која ја нуди врвот Лисец, па предлогот за посета на врвот Даутица, на планината Даутица, ми беше навистина привлечен.

Иако после Боговињско езеро, некако логично беше да следува Караниколичко, ама едноставно предлогот за Даутица како ретка прилика, сметав дека не треба да се изостави за оваа сезона. Плус, во така добро и интересно друштво како што е велешката екипа која гравитира околу еколошките активисти Green power, беше предлог кој едноставно не сакав да го одбијам. Оваа тура ќе беше за прв пат организирано искачување на врвот Даутица со своите 2178 м.н.в.. Тоа беше посебен куриозитет кој мораше да се изведе, пред да го направи некој друг.

Во недела наутро по стандардните подготовки, во опуштена и весела атмосфера една екипа се упати кон Велес, а од таму кон Теово, Согле, Богомила… По Велес, се движите по навистина прекрасен предел низ овие живи села, упатувајќи се кон последното – Папрадиште. Тука се наоѓа и домот, поранешното училиште, со кое денес раководи Green power. Тие, заедно со уште една поголема екипа од каде сѐ не, спиеле (или се журкале до раните утрински часови) таму уште од саботата, па кога ние пристигнавме почнаа да излегуваат од домот, собирајќи се пред селската чешма. Тука имаше пријатели и од планинарските друштва Макпетрол, Скопска Црна Гора, пријателите од Куманово… па сите заедно тргнавме по патеката која на сите ни е добро позната, а води кон домот Чеплес. Прво се оди по стандардната патека или по кратенките, а потоа во еден момент, следејќи ја сино црвената маркација, скршнувате кон лево, каде се пробивате низ густиот папрат за да влезете во темната букова шума. По некоја бреза, смрека, ливатка на која имаше распослано и боровинки (кој искрено ме изненадија што беа веќе зрели), јаготки и малинки… Почна да се наѕира Солунска глава пред нас, а под неа моќните Нежилови стени. Излеговме на самите падини и се пробивавме низ густата трева. Врвот сѐ уште не се гледаше. Требаше да се заобиколи овој гребен и од таму да се продолжи кон врвот. Кога се појави котата на врвот увидов дека рутата и не е баш кратка. А кога ќе стигнете до крајот на сртот следуваат 90тина висински метри убаво и стрмно искачување.

Сум ја шетал доста и Караџица и Јакупица, особено едно лето кога скоро една недела престојував во планинарскиот дом Челпес, па имав време подетално да се запознам со нејзините чудесни манифестации или да го доживеам зајдисонцето на Попово брдо или некаде длабоко на нејзините далечни падини, враќајќи се во Чеплес доцна во ноќта. Сум го посетил и врвот Лисец на Голештица, на истокот од Јакупица, лизгајќи по мразот на висорамнината, но ете средбата со Даутица останала… можеби токму за овој ден.

По краткото искачување на врвот следуваше една навистина прекрасна и ретка перспектива кон македонскиот север, но централниот дел. Токму тоа беше една од основните причини кој одлучија овде да се дојде. Стоејќи на котата обележана со сина маркација, пред вас на запад е постојано Солунска глава со вкотвените црни облаци над неа, а од сртовите на Даутица, малку се познава и Јакупица. Пред неа на север е секако Караџица, а од неа се излева и забранетото Боро поле, т.е. Националниот Парк Јасен т.е. ловиштето, од кои не можете да го видите и Водно. Сосема на север ѕирка езерото Козјак, кон лево е Сува, а зад неа потонати во летните испарувања, се наѕираа контурите на нашата Шара. Тука беа Бел камен, а веднаш кон запад се отвораше и целата Пелагонија. Во неа е фрлен и Трескавец со Златоврв… Каква слика!

Уживајќи во овој невозможен поглед, љубоморната и постојано намрштена Јакупица реши да го истури врз нас црниот облак кој постојано левитираше над Солунска глава. Беше тоа еден краток, но мачен и темен облак, кој таман да се сликаме за групната фотографија на врвот, истури големи капки дожд и по малку град. Беше тоа убаво ладење по скопските горештини, но сепак иако беше јасно дека сето тоа кратко ќе трае, опасноста од електрично празнење, тука на врвот, сепак постоеше. Па решивме одоколу, од запад, не директно по стрмното од каде дојдовме, да почнеме пополека да се симнуваме. Да не се нафрлија црните облаци врз нас, ќе поседевме подолго и на врвот, но сепак имаше доволно време за да ја искусиме оваа извонредна перспектива на Даутица и да направиме по која фотографија.
Назад се симнавме од левата страна на сртот кој водеше кон врвот. Заобиколувајќи го, се споивме со макадамот по кој дојдовме, а оттука низ шумата и повторно во Папрадиште. Мал одмор и уште доза силен дожд. Оладени, тргнуваме кон пеколот наречен Скопје.

* * *

По четиримесечни интензивни тури оваа пролет и дел од летото , мислам дека е време да се направи кратка пауза. Не толку да се земе оддишка од планините, колку да се искачат и насоките по острите качувачки локалитети, да се вози велосипед по некој стрмен макадам, да се едри по некое мирно езеро или бурно море…. Едноставно да се посветиме на другите аутдор активности кој го исполнуваат нашето битие. Па… Се гледаме наесен, по жолтите планински пространства.

Тони Димитров

Тони Димитров

Назад кон извештаите
  • Vrsnik Sport za site Velo Helo FPSM Bonita Alga San Alga San Sport Lab