Денот на планината на Доброшки (2.370 м.н.в.) и Езерски Врв (2.580 м.н.в.) 14.12.2014 г.

16.12.2014

14 декември – датум кој за планината, всушност, значи нејзин празник, односно, познат е како ден на планината во светски рамки. На овој ден, ширум светот се организираат најразлични активности кои имаат некаква врска со планината, па, затоа, сите планинари, љубители на природата сакаат овој ден да го поминат на планина…

Па, така, и ние во ПК “Македон” решивме заедно со планината да празнуваме и да ја почестиме со нашето присуство. Поради тоа, за овој викенд одбравме тоа да биде нашата најголема Шар Планина. Договорот каде ќе се оди, се реши на нашиот состанок на кој одлучивме да се искачиме на два врва: Дoброшки и Езерски Врв, во зависнот од условите на теренот.

Два извонредно, убави врвови на Шара, меѓу повисоките, посебно Езерски, но, и едни од најмалку посетуваните на оваа планина…
Во неделата, во 6:00 ч. со две возила или 8 членови на Клубот: Петар, Тони, Дејан, Даркo, Диме, Јас (Дуле) и уште двајца наши пријатели: Веле и сопругата, го напуштивме замрзнатото и магловито Скопје и се упативме во подножјето на Шара или поточно кон селото Јелошник, кое се наоѓа на околу 900 м.н.в. Околу 7:00 ч. пристигнавме во селото каде по кратка подготовка се упативме кон Јелошничкото бачило, до каде би требало да стигнеме за околу еден час по пат низ шумата. Од овде се отвори поглед кон првиот врв – Доброшки.

Иако, ова е период кој според планински услови би значело студена зима и снег, сепак, по 20 минути движење, декемвриското сонце како и чистото, сино небо, уште рано изутрина ни навести наместо зимски ден, планината (можеби и поради нејзиниот празник), нè почести со еден убав сончев, пријатен ден .. Па, така, за околу еден час веќе излеговме од шумата и стигнавме кај бачилото на околу 1.300 м.н.в… се отвори погледот кон обелениот со снег, Доброшки Врв и една голема угорнина, по која треба да искачуваме.

За околу 2:30 ч. со средно темпо, пристигнавме на врв. Tука снег немаше многу, но, доволно да го почувствуваме и да осетиме малку зима под нозете, иако над нас декемвриското сонце се уште е во полн ек и не се предава . Малку пред да стигнеме на врвот, имавме кратка средба со две диви кози, кои најверојатно исплашени од ловџии кои ги гонеа, едноставно ‘’прелетаа’’ покрај нас со невидена леснотија и исчезнаа во планината…

На врвот бевме некаде пред 11 часот… здивот застана. Прекрасни снежни глетки околу нас, кои под сончевите зраци и чистото небо добиваа сосема друга димензија, која ви дава впечаток дека сте во некој магичен, нереален свет, кој само природата може да го создаде… Од десно прекрасен поглед кон Љуботен , Ливадички Врв, Пирибег, па кон Езерски Врв,Чаушица, Бистрички и Црн Врв. Мобилните и фотопаратите во рака и безброј слики за да се доловат што е можно повеќе фотографии од оваа убавина, која планината во сред декември реши да ни ја понуди .. За кратко и две кучиња ни се придружија на врвот, љубопитно врткајќи се околу нас. По пауза од 20 мин. решивме да се упатиме и кон вториот врв – Езерски Врв, до него во овие убави услови не би требало да искачуваме повеќе од 1.5 часа.

Околу 11:15 ч. тргнавме по снежниот срт кон врвот… немаме ниту силен и студен ветар, кој во овој дел од годината овде знае да биде многу сериозен, само од време на време ќе дувнеше колку да не освежи и потсети дека, сепак е декември… Некој од групата решава да не оди до врв, туку едноставно да се смести на некој сув камен и целосно да се препушти на зимската убавина, додека другите се вратат… Така и направиме. Групатата која тргна, за околу 3 часа се врати, искачувајќи го и камениот, див врв, опколен со големи крупни камења, покриен со снег. Езерцата – Доброшкото, како и прекрасното Јажинско Езеро, кое се наоѓа под врвот, овој пат не можевме да ги забележиме, затоа што снегот и студеното време ги покриле и ги “ставиле во зимски сон” до пролет…

Полека трганавме надоле, кон с. Јелошник и шумата, неможејќи да се одделиме од оваа убавина и останувајќи овде, се додека и последните сончеви зраци не се скрија зад планината…

Доле на нашата појдовна и завршна точка бевме околу 17:00 ч. со што нашето 10 часовно уживање на Денот на планината – заврши.

Дуле Шулц

Сите

Назад кон извештаите
  • Vrsnik Step Marketi Velo Helo FPSM Bonita Alga San Alga San Sport Lab ProCredit Bank