11.11.2021
Падна договор за викендот, одиме на прекрасниот Царев Врв (познат е и според турскиот назив – Султан Тепе), на Осоговоските Планини.
Екипата составена од членовите Виолета Костовска, Бојан Киров, Филип Симоновски, и наши пријатели и љубители на природата, акцијата ја започнавме од локалитетот Калин камен во 07:30 часот. За дојдеме до овде, ја поминавме Крива Паланка, го поминавме преубавиот манастир Св. Јоаким Осоговски и за околу 20 мин по солиден асфалтен пат стигнавме на стартното место. Од таму се упативме по маркирана патека кон Царев Врв.
Временските услови идеални, патеката сува и добро разгазена. Некаде пред пристигнувањето на врвот во далечина здогледуваме исплашена срна која сигурно бега од буковата шума во долината од каде се слушнаа два истрела. По патот видовме и лисица. Насекаде недопрена природа, чист воздух, ветерче, пространи пасишта и навистина Осоговските Планини се еколошки бисер на Македонија. Во долините шуми со даб, брест, габер, јасен, лески, буки, а околу нас трева и грмушки од смрека.
Осоговските Планини или Осогово е висок и грaмаден планински масив во северо-источниот дел на Република Македонија, распослан е помеѓу Славишката Котлина на север, Кумановската Котлина на северозапад, Пробиштипско-злетовскиот басен на запад, Кочанската Котлина на југ, Пијанец на југоисток и Струмскиот басен со Ќустендилската Котлина на исток на територија на Република Бугарија.
По околу 2 часа пешачење стигнуваме на Царев Врв (2085 мнв). Заслужуваме одмор, сликање, топол чај од термос, овошје, сендвичи,.. Си делиме меѓусебно храна, кафе од ранците, се забавуваме, уживаме… По одморот влегуваме во кулата која е оставена на забот на времето. Од сите страни, прозори кои нудат одлични погледи на сите страни на планината.
Е, потоа следи спуштање секој со свое темпо кон Калин Камен каде ги оставивме колите и пат до Скопје. По патот не пресретнаа планинари и рекреативци кои не прашуваа за патот кон врвот, а најважно и интересно е присуството на деца, чии родители од мали ги насочуваат кон планинарењето. На спуштање од Царев Врв кај Калин Камен најдовме извор со студена планинска вода. Кај локалитетот Калин Камен во непосредна близина се наоѓа и езерото Калин Камен, каде голем број на жители од околните места уживаа во неделното попладне. Изминавме 15 км. со вкупна елевација од 600 м и во согласност со предвидениот план, но имајќи ги предвид и психо-физичките подготовки на сите во групата бевме задоволни од искачувањето на уште еден врв во Македонија, прекрасно поминат ден и прекрасно дружење.
Пишува: Виолета Костовска
Назад кон извештаите