Гросглокнер и Триглав (13-19.07.2015)

23.07.2015

Во попладневните часови на 13.07.2015 заминавме кон Австрија во тричлен состав, јас и Дејан Тодевски (ПК Македон) и Димитар Јовановски (ПСК Руен, К.Паланка), со цел искачување на врвот Гросглокнер 3798 мнв по класичната рута. Оваа акција беше предложена од моја страна и објавена како клубска од отворен тип, но во предвидениот рок не се јавија други кандидати.

Во Калс, мало селце во подножјето на планината, пристигнавме наредното утро и се упативме кон Лукнерхаус на 1920 мнв од каде што вообичаено започнува искачувањето кон врвот. По средување на опремата потребна за искачување, во 09:30 часот појдовме кон домот Е.Јохан на 3450 мнв. Времето е облачно, одвреме-навреме со ситен дожд, така што немаме среќа да уживаме во прекрасниот поглед кон врвот и околината кои се нудат движејќи се низ долината нагоре. Некаде на околу 2900 мнв се излегува на глечерот, каде проценуваме дека нема потреба од користење на дерези или пак движење во наврска – теренот е благ, снегот разгазен по патеката на движење и нема пукнатини кои би претставувале опасност. Последните околу 250 висински метри до домот патеката води низ карпест терен обезбеден со сајли – виа ферата. Во домот Е.Јохан на 3450 мнв пристигнавме во 14:15 часот и веднаш се сместивме. Немавме претходна резервација, но за среќа домот е голем и не беше викенд па имаше доволно место. Ноќевање во домот со планинарска легитимација не чинеше по 15 евра.

Наредното утро се разбудивме во 04:45 часот, а по куси подготовки кон врвот тргнавме во 05:45 часот. Времето беше ведро и топло, со многу слаб ветер. Патеката на движење најпрвин води по снежен терен, се до кулоарот (Glocknerleitl) со нагиб од околу 40º каде условите за движење беа идеални. Над овој кулоар започнува карпестиот гребен кон врвот што е комбинација од I-II UIAA. Иако теренот не се карактеризира со поголеми технички тежини, потребно е соодветно алпско искуство за безбедно движење на ваков терен особено кога истото е со алпски чевли и дерези, на многу експониран терен и на надморска височина над 3500 метри. Од овде јас го земав Димитар во наврска, користејќи ги за обезбедување веќе поставените анкери, додека Дејан до пред понискиот врв (Klein Glockner) се движеше ненаврзан. Од тука теренот е малку поделикатен, па на јажето се наврза и Дејан и така се движевме до самиот врв. На врвот Гросглокнер 3798 мнв пристигнавме точно во 08:00 часот и останавме добри половина час за освежување и фотографирање. За Дејан и Димитар ова е прво искачување на врв над 3500 мнв, си честитаме и среќни се што тоа е токму Гросглокнер еден од најатрактивните алпски врвови. Време е за назад, а спуштањето на ваков терен е секогаш малку поделикатно од искачувањето, особено кога е надополнето со вообичаената гужва на рутата и разминување на карпестите секции каде доминантно место имаат локалните водичи со своите клиенти. Надолу продолживме во наврска, прво се спуштаа Димитар и Дејан додека ги обезбедував од горе, па потоа слегував и јас. Штом стигнавме на снежен терен го собравме јажето (за ова искачување користевме 30 метарско јаже) и продолживме кон домот. Таму направивме пауза за освежување со топол чај и малку храна, пред да продолжиме кон појдовната точка Лукнерхаус.

Истото попладне се спуштивме со автомобилот во градот Линц и го посетивме ресторанот на МекДоналдс внесувајќи значителен број калории, пред да продолжиме кон гратчето Солда сместено во јужен Тирол (Италија). Овие 250 km низ планинските предели ни одземаа повеќе од 4 часа, така што во Солда пристигнавме доцна навечер и не бевме во можност да побараме ниту смештај. Планот беше рано наутро да појдеме кон врвот Ортлер 3905 мнв и да се обидеме да го искачиме во еден ден. Димитар само ни даде поддршка за искачувањето решавајќи да остане да не чека во Солда поради неколкуте незгодни плускавци кои ги заработи за време на искачувањето на Гросглокнер. Се паркиравме на еден паркинг и имавме 2-3 часа за спиење во автомобилот. По кусиот одмор „згужвани“ во Ц2-ката направивме брзи подготовки и со Дејан во 04:00 часот утрото се упативме кон Ортлер. Незнаејќи ја најдобрата патека за нагоре на почетокот се движевме по многу стрмен терен под жичарницата, а дури кога се раздени фативме правец кон домот Табарета на 2556 мнв, а потоа и кон домот Пајер на 3029 мнв. Иако до овде се движевме прилично брзо, се покажа дека е доцна за искачување на врвот, овде е пракса планинарите да поаѓаат кон врвот во 04:30 часот од домот Пајер. Тоа е особено важно во услови на изразито топло време кога пукнатините на глечерот во горните секции значително се прошируваат во текот на денот, а снегот на стрмните падини кои се пречат станува мек. Нашето искачување го прекинавме на 3200 мнв, сметајќи дека е нелогично да бидеме единствените кои толку доцна би се движеле кон врвот спротивно на препораките од останатите. Во Солда (1900 мнв) се спуштивме попладнето и веднаш се најдовме со Димитар. Требаше да направиме план што понатаму, но пред се евидентно беше дека ни е потребен туш и кревет. Се решивме да појдеме кон Љубљана каде пристигнавме на полноќ и се сместивме кај нашиот пријател Гашпер.

17.07.2015, конечно ден за одмор. Спиење до доцна, прошетки низ Љубљана, а попладнето се одвезовме до Бохињ сместувајќи се во планинарскиот дом Коча при Савици’ на 653 мнв. Планот за наредниот ден е заедно со Дејан да направиме кружна тура претрчувајќи низ оваа прекрасна планина минувајќи преку долината на триглавските езера, домот Долич, врвот Триглав и симнувајќи се во Покљука. Стартувавме во 04:30 часот со челни ламби, а со нас носевме само 0,5 литри вода и изотоник, по еден енергетски гел и магнезиум. Ни се погоди денот, па се движевме мошне брзо искачувајќи се на врвот Триглав 2864 мнв за време од 3 часа и 44 минути, по патеката која според словенечките маркации се минува за 8 часа и 30 минути. На врвот за наша среќа наидовме на човек кој продава освежителни пијалоци, а цената беше 5 евра за пола литар вода – за нас ова освежување беше бесценето. Од врвот продолживме кон домот Планика, па Водников дом за на крајот да финишираме на Покљука за точно 5 часа и 52 минути. Навистина пријатно се изненадивме од тоа што оваа долга авантура низ Триглавскиот масив ја минавме за помалку од 6 часа. Од Покљука фативме авто-стоп кон Блед, каде ни се придружи Димитар на заслужено капење во прекрасното планинско езеро.

На 19.07.2015 рано наутро појдовме назад кон Македонија, со единствена пауза на вечера во Врање со пријателите од ПК Железничар – Врање. Дома се вративме задоволни, на оваа акција минавме шест дена – релативно краток период кој го искористивме максимално.

Александар Кирковски

Александар Кирковски

Назад кон извештаите
  • Vrsnik Step Marketi Velo Helo FPSM Bonita Alga San Alga San Sport Lab ProCredit Bank