Илинска планина – врв Лиска (1.908 м.н.в.) 13–14.10.2012

13.10.2012

Утрото, членовите на ПК “Македон“ – Кате, Даре, Оле, Лина, Анета, Цаци, Тања, Аце, Боби, Верче, Николчо со дечињата Бојан и Михаил и јас (Ана), сe упативме кон Илинска планина. Појдовме во 8 часот од Скопје и со една пауза на Стража и една за познатите питулици во Кичево, пристигнавме до црн пат, долг околу 9 км, но добро тампониран. Тој пат води до самиот манастир, кој е посветен на Св. Илија (1.525 м.н.в), сместен на падините на Илинска планина, од јужната страна на Кичевската котлина. Оваа планина е една од најстарите на Балканскиот Полуостров, а името го добила по пророкот Илија.

Кај манастирот пристигнавме околу 12 час., се сместивме во конаците каде што нè пречека домаќинот, кој цело време се грижешеда ни биде пријатно, а по кратка кафе пауза, дел од нас тргнавме накај врвот Лиска (1.908 м.н.в).

Планината е богата со шуми, пасишта, најразновидни растенија, кои со својата палета на есенски бои изгледаа навистина прекрасно, а исто така, има извори на ладна планинска вода (во самото подножје на Илинска планина извира Црна Река). Како што се движевме нагоре, сè повеќе наѕираше Охридското Езеро.

Времето беше одлично и со средно темпо на движење, стигнавме на врвот нешто пред 15 часот. Од самиот врв јасно се гледаат и Охридското и Преспанското Езеро.

Поради силниот ветер не се задржавме долго на врвот и се вративме во конаците, каде што не пречекаа останатите, веќе подготвени за забава, со богата трпеза на која имаше разновидни јадења, свежо набрани печурки и незаменливиот Боби на гитара.

Вечерта се спушти магла и почна да врне, а така продолжи и наредниот ден, па неделата на 14-ти останавме кај конаците со топло чајче, партија јамб и кратки прошети во околината.

Во 16 часот тргнавме кон Скопје. Се разбира, застанавме на Стража за мекици :), а дома пристигнавме околу 19 часот.

Турата и дружбата беа навистина одлични. Акцијата беше од лесен тип, бидејќи патеката е доста блага, а се искачуваат околу 400 метри и секој што има желба може да ја искачи.

Им благодарам на сите што беа присутни за доброто расположение и прекрасната дружба што ја овозможија тој викенд. Се надевам, наскоро пак.

Ана

Верче, Николчо и Даре

Назад кон извештаите
  • Scout Nomad Mobility Garmin Intersport Step Marketi Stop&Go