Искачување на Љуботен по повод : Денот на ослободувањето на Скопје – 13.11.2011

13.11.2011

По повод денот на ослободуањето на Скопје, ПК “Трансверзалец” и ПК “18 Август”, се одржa второт по ред, а се надевам ќе стане традиционално, искачување на врвот Љуботен на Шар Планина. Како клуб од Скопје, со радост се приклучивме кон оваа манифестација со скромен придонес и учество на 13 наши членови. Бојан како организатор, не собра во едно комбе и една кола, така што на стартот бевме: Макси, Ана, Лина, Дејан БТ, Мила, Зоки, Зоки – Ханс, Бојан, Дуле – Шулц, Дарко, Димац, Емилија Белопета и Алек.

Од Старо Село тргнавме во 07:10 час. а веќе беше доста топло. Бидејки време беше убаво, ги фативме сите кратенки со едно задолжително застанување на карпите, со поглед кон Вратнички гребен, восхитувајќи се во боите на есента.

Тргнување од Старо село

Се движевме по прекрасниот пат покриен со паднатите лисја, чиниш газиш по тепих. Тоа чувство ни ден денес не можам да го отргнам од мислите, кога и да видам некоја од фотографиите или едноставно да се потсетам на денот.

Преубавата патека покриена со лисја

Кај домот Љуботен бевме околу 08:45 час. каде веќе имаше планинари, а некои од нив веќе беа тргнати кон врвот. Време без ниеден облак. Додека се движевме низ шумата до домот, затскриени од дрвјата, не го чувствувавме ветрот кој дуваше, така што чувството за топло, веднаш се смени. И покрај тоа, беше прекрасен и Сончев ден.

Пред домот Љуботен

Во колона, со уживање без брзање, тргнавме по ужината во 09:30 час. а на врв бевме околу 11:20 час. Темпото беше прилагодено на околината – малку уживање не беше на одмет.
На врв, нормално следеше задолжителното сликање, за потоа да седнеме на западната косина што гледа кон Козја Стена, одејќи на само еден метар од врвот. Ветрот речиси не се чувствуваше, но сепак, ноември месец е, и ладно си е ладно. Се собравме сите заедно и полека тргнавме надоле.

На врв Љуботен

Како што се симнувавме надоле, температурата растеше и имавме време и можност да го гледаме Полошкото и Скопското море со островчиња од Водно, Сува Гора, Јакупица, Кораб, Шара … Прекрасно. Користејки го убавото време, често си правевме одмори и уживавме на убавото Сонце. Барт – кучето на Даре, не знаеше веке кај да се да трча, мислиш Љуботен уште три пати би го качил.

Кај домот, повторно бевме околу 13:30 час. Имаше доста гости пред домот, така што ние си седнавме веднаш над него, легнавме на тревата, каде што и јадевме. Гледајќи како уживаме, доста од гостите ни се придружија. Уживавме до 15:15 час. кога полека тргнавме кон Старо Село, а пристигнавме околу 17.00 час. Не сакавме на вака убаво време да трчаме и да ги пропуштиме убавите моменти.

Одмор во близина на домот Љуботен

Комбето веќе беше во селото. Добар некој шофер, стигнал порано и не чекал веќе еден час. Полека, тргнавме задоволни кон Скопје.
Убава замисла за одбележување на денот на ослободувањето на Скопје, а причината е што врвот Љуботен се наоѓа на грбот од знамето на градот Скопје. Браво за оние кои се сетија за ова! Сите членови на нашиот клуб со задоволство ја поддржаа оваа манифестација. Задоволни од доброто друштво, доброто расположение, убавото време и боите на есента, со сигурност не прават нестрпливи за повторна средба другата година, во исто време, на исто место.
Благодарност до сите учесници од другите клубови, како и до домарот Митко, кој не пречека како што треба и ни подготвуваше на брзинка се она што му нарачувавме.

Макси

Макси

Назад кон извештаите
  • Vrsnik Step Marketi Velo Helo FPSM Bonita Alga San Alga San Sport Lab ProCredit Bank