Јабланица – плажа и малку духовност – 26-28.07.2014

07.08.2014

Пред нас продолжен викенд од три дена. Совршенство за договор за неколкудневно уживање. Идеја имавме (на Анетка уште од минатиот викенд поминат на Илинска Планина), но дефинитивен договор не.Благодарение на нејзината упорност и мојата поддршка веднаш, без оглед што сместувањето не ни беше решено, откако се собравме петмина (покрај нас две, уште Ханс, Петар и Цаци) одлучивме во сабота да тргнеме кон Јабланица, со цел да го искачиме највисокиот врв – Црн Камен (2.257м.н.в.), а ако дозволат временските услови да поуживаме и на плажа, со оглед на близината на Охридското Езеро.

Ден 1

Тргнување во 7:30 од највообичаеното место за поаѓање на планинарски тури, пред Пошта на железничка. Иако беше многу рано, започнавме со смеа и веднаш договоривме патување преку Дебар поради живописноста на пределот по пат, без оглед на повеќето кривини отколку патувањето преку Охрид. Првата пауза традиционално, во Маврови Анови на кафе, гибаница и кисело млеко со поглед од висечката тераса кон Мавровско Езеро на кое се прекршуваа раните сончеви зраци. Како одевме растеретени каде и кога ќе се сместиме одлучивме попатно да застанеме во село Рајчица како би го посетиле женскиот манастир “Св.Ѓорѓи”. Дворот на манастирот беше совршено уреден. Таму не пречека срдечната моњахиња, сестра Ефимија, која исцрпно ни ја раскажа историјата на манастирот, ни ги покажа моштите на свети Ѓорѓи и не испрати со благослов и поздрав за планинарите алпинисти (бидејќи пред да се замонаши и таа била дел од алпинистичко друштво).Се упативме кон Струга каде одлучивме да одиме во Вевчани и таму да се сместиме..Малку се потрудивме повеќе да го најдеме чичко Устијан ( како што го викаше Ханс) нашиот домаќин, а времето го искористивме да јадеме некое вкусно пециво од локалната пекара. Поладнето по план – резервирано за плажа.Тргнавме кон Калишта, застанавме многу кратко на една празна, која си ја нарековме Лепра Бич, бидејќи немаше никој освен нас, а имаше импровизирано кафуле, за подоцна да ја наречеме Снејк Бич поради многуте водни змии.Овде не воодушевија единствено лотосовите цветови кои покрај во бела боја ги имаше и во жолта. Потоа се откажавме од Калишта и отидовме на плажата Версус каде што го поминавме остатокот од денот, пливајќи, пиејќи по некој сок и кафе на терасата над вода и лежење на лежалки додека сонцето не зајде. Вечерта ја завршивме во Вевчани во прекрасната домашна атмосфера на кујната на нашите домаќини Вера и Устијан, со ракииче, салатки, пржена сланинка и винце.

Ден 2

Станување порано и припреми за на планина.Овој ден го одбравме за планинарење поради најавите за лоши временски услови попладне по 13ч. (дожд со грмотевици)  Јас не се чуствував добро уште од претходниот ден (Ханс ме нарече индиспонирана – многу симпатично  ) и се мислев да одам или не, сепак решив да бидам компактна со друштвото – кое утрово се зголеми за уште двајца (Билјана од Неготино и Благојче од Битола) и трганвме со коли накај Горна Белица (1.316м), селото со најубавите викендици сместени во прекрасна шума со величествен поглед кон Охридско Езеро. До него се стигнува преку Вевчани, а има и пат директно од Струга. Само што почнавме да одиме над Белица од десно и лево на патот насекаде диви шумски јагоди. Ги имаше премногу, па Анетка ги нарече полиња со јагоди.Се прејадовме . Кога навлеговме во пределот на густа шума, бевме опседнати со убавината на зелениот мов на камењата и дрвата.Зеленило испреплетено со цветови во различни бои беше сликата која ја имавме пред очи пред да се искачиме на ледината кај што се гледа албанскиот Матерхорн . Кон врвот не пресретнуваше и по некоја елкичка.Оваа убавина за Биле беше воодушевувачка и коментираше дека не и се верува дека ова е во Македонија,ваква недопрена природа дека има само во Швајцарија и дека се чуствува како да е во странство . Со одмори, за јадење и сликање, на врвот Црн камен (2.257м.н.в.) стасавме по 3 часа. Пред нас се отвори поглед на венец од планински врвови во изобилие, а во подножјето од десно темнотиркизно ледничко езеро, опкружено со карпи со светлосива боја. Решивме да се спуштиме до него.Откако ги разладивме нозете во езерото и одморивме продолживме да се враќаме назад. Патеката помина покрај бачило со стадо со овци и не внесе во нагорнина испреплетена со густи високи дрва.Пред да се симнеме во Горна Белица поминавме уште едно бачило, каде не послужија со ракија со лековити тревки и сирење и не поканија на повторна средба. Бидејќи се враќавме заобиколно, во Белица влеговме низ село и се воодушевуваме на водотеците кои течат низ секој двор. Планинарењето го завршивме со посета на селската црква Св.Петка, а вечерта ја поминавме на клупа со мезе од грицки, пиво и вино на познатите Вевчански извори, кои се прекрасно уредени и осветлени.

Ден 3

Немаме договор за ништо.Одлучивме се да оди спонтано и полека без никаков притисок со временски рокови за ништо.И се излезе совршено. Се спакувавме и го напуштивме Вевчани, со план да го посетиме манастирот Рождество на Пресвета Богородица во Калишта и да плажариме таму до тргнување кон дома. Кога влеговме во комплексот начекавме организирана група со кустос па се приклучивме и се запознавме прво со иконостасот на црквата надвор, а потоа ја посетивме и Пештерската црква (една од четирите во овој регион) од 14 век, со трите манастирски ќелии каде што е направена од монасите и пронајдена единствената икона Црна Богородица.Таму е и единствената икона на која се Св.Кирил и Св.Климент (учителот и ученикот).На крај го гушанавме дрвото кое дава позитивна енергија или прима ако тој што го гушка ја има (нескромно, мислам дека јас му дадов . Изгледа огромно и возвишено. Излеговме продуховени и препородени со намера уште да го разгледаме реновираниот хотел Изгрев на кој има аквапарк и да се стационираме некаде покрај езеро.Но при разгледувањето, имавме среќа па ни беше понудено да останеме на лежалките околу прекрасниот базен на тераса во близина со аквапаркот и да го искористиме промотивниот пробен ден(посебна благодарност за менаџерот Оливер).Таму е совршенство…И хотелот и околината, а погледот од лежалка на базен со светлосина боја, под него езерска вода со потемна боја и во далечините палнински врвови, како во бајка… Тешко го напуштивме овој рај. Мораше и да лапнеме нешто пред пат, па се одлучивме за пица на кеј покрај Дрим – превкусна! За назад повторно го одбравме патот преку Дебар и пак пауза во Маврови Анови за заокружување на прекрасниот викенд.Иако беше многу доцна, на железничка се испративме со многу смеа…Дечки и девојки, благодарност на сите за прекрасниот викенд и извинување за мојата “индиспонираност” )

Снеже

Цаци

Назад кон извештаите
  • Vrsnik Step Marketi Velo Helo FPSM Bonita Alga San Alga San Sport Lab ProCredit Bank