Кајмакчалан (2.521 м.н.в.) 9 – 11.11.2012

11.11.2012

Кајмакчалан е еден од ретките врвови, кои како по некое непишано правило сите како да го избегнуваат. Поради тоа, решивме да отидеме и да го посетиме врвот. Во организација на Синиша, претседателот на ПД “18 август” – и Дуле, Цаци, Петар и Верче (жена на Синиша) стигнавме доцна вечерта во с. Скочивир.

Се сместивме во поранешната караула на војската во с. Скочивир, а сега планинарски дом на ПД “18 август”. По краткото разгледување на домот, го правиме планот за утрешниот ден. Синиша, кој ке биде нашиот водич утре, не информираше дека до врвот Кајмакчалан имаме околу 35 км. во еден правец или речиси 2.000 м. искачување.

Планот беше утрото да тргнеме во 5:15 час. Така и направивме. Домот го напуштивме според договорот. Селото набрзина го поминавме, наполнивме вода за долгиот пат од реката и со тоа започна нашата авантура. Се движевме по широк макадам пат, на некои места кратевме, па повторно излегувавме на главниот пат. Се забележуваа табли кои покажуваа дека ако се продолжи право, ќе се стигне до Мариовските напуштени села. Во  далечината се забележуваше врвот. За околу 4 часа влеговме во убава шума, каде направивме мала пауза. Во 11:30 час. стигнуваме до објект кој го држи нашата гранична полиција. Веднаш по него, се појави чешма со вода и маса со клупа. Без многу размислување, одлучивме овде да направиме поголема пауза. По убавата ладна вода и убавата сенка, моравме да тргнеме. Времето беше сончево, на моменти и топло. Влеговме во шума, а благодарејќи на неодамнешните врнежи, патот не беше прашлив, кој сигурно ќе ни претставуваше голем проблем. За околу час и половина излеговме од шумата и пред нас се појави голем објект, трло и мала, но убава црква “Св. Преображение”.  По краткото фотографирање и малиот одмор, повторно се вративме на широкиот пат. Синиша не извести дека за еден час ќе дојдеме до горната караула на 1.900 м.н.в. , а тоа веќе значеше дека се доближуваме колку толку до врвот. Тоа како да ни даде енергија, па започнавме забрзано да се движиме. И навистина, за околу еден час дојдовме до караулата, која веќе за жал, пропаѓаше. Можеби е добра за планинарски дом, бидејќи се наоѓа недалеку од врвот и има убав поглед кон целиот масив на Ниџе.

Патот не води низ мала угорнина, па повторно на рамен пат. Се појавија широки пасишта,  а наоколу се наоѓаа големи карпи со необични форми. Нагоре, по левата страна од патот се забележува Ниџе со својот срт, кој ја дели Македонија и Грција, а надоле прекрасните пасишта и шуми кон Мариево. Од тука, повремено се забележува врвот, со препознатливата црквичка на него. Поминавме покрај споменик на загинати македонски војници во Втората светска војна. Најпосле, по десетчасовно пешачење, во 15:00 час.  стигнавме на врвот. На врвот Сонце и ветер, но ние веќе видно изморени побрзавме да каснеме и фотографираме. Од врвот се гледа Пелистер, кој е само малку повисок од Кајмакчалан. На североисток се Мариево и Селечките планини, а од другата страна е Грција. Веднаш, не повеќе од 100 м. подолу се гледа Науса (Негушка планина), а југозападно е Островското езеро. Самото место на врвот се нарекува врвот на Пророкот Илија. Тука е и спомен црквата на паднати војници од Првата светска војна, а малку подолу е и костурницата.

Направивме безброј фотографии, се запишавме во спомен книгата која се наоѓа во црквичето и веќе моравме да размислуваме за враќање. Во договор со нашиот водич, решивме да не се враќаме по истиот пат, бидејќи тоа ќе значење враќање во селото во раните утрински часови. Па затоа, се одлучивме да се спуштиме директно надолу, решени да ја следиме само реката. Веќе се стемнуваше, и поради тоа, Дуле како искусен водич реши тој да не води. Влегувавме во големи папрати, во ливади цели во вода, во голема шума и доста лизгави лисја.  По излегувањето од шумата, следуваше широк пат и маратонско пешачење кое траеше до полноќ. Со лаежот на кучињата, точно во 12 часот на полноќ, стигнавме во селото. Уморни, но задоволни од преубавите впечатоци кои ги носевме во себе, си честитавме за нашата упорност и издржливост. Беме по малку и горди, бидејќи сме едни од ретките што оваа акција ја поминавме без никакво превозно средство. Многумина користат џип, кој ги носи до последната караула на 1.900 м.н.в. и од таму тргнуваат  пеш до врвот.

Верче не пречека со убава вечера и вино.

Вкупно поминавме околу 70 км. а авантурата траеше 19 часа.

Петар

Дуле и Цаци

Назад кон извештаите
  • Vrsnik Step Marketi Velo Helo FPSM Bonita Alga San Alga San Sport Lab ProCredit Bank