18.05.2015
Втората лекција од планинарските, после Љуботен, и втора тура за почеток на сезоната пролет/лето 2015 би требало да биде Караџица со Остри врв или, уште поубаво, врвот Убава. Планина толку близу до Скопје, а сепак толку голема и дива, на која може да се изведе една сериозна планинарска тура. Снегот, со поглед од Крстовар, заклучивме, веќе го немаше, или можеби само малку за динамика, па движењето на поголема група ќе беше олеснето. Тоа беше мојот заклучок за следната тура, по онаа Љуботенската. Така и би. Наскоро, една мала, но весела дружина се упатува кон Караџица.
Организацијата е на ПК Македон, а ни се приклучува и мала екипа од Планинарскиот клуб Козјак 2013 од Куманово и секако неколкумина ентузијастични планински пријателчиња. Утрото е сончево додека се движиме од Тафталиџе и паркингот пред, симболот на капитализмот, Мек Доналдс, кон следната станица во Кисела вода, Пинтија, а од таму сите на број, кон Батинци и Патишка река. Многу вода низ патот кон Патишка, очигледно забрзано се топат снеговите.
Идејата беше јасна. Требаше турата да биде кружна, а да се вратиме во истата точка. Ете тоа е можно на оваа планина. Должината на турата не би знаел да ја кажам точно, ниту за мене хоризонталата има некакво значење. Прецизните параметри ги оставам на статистичарите и економистите. Ние сме планинари. А за планинарите е битна височината!
За многу скоро сме во селото. А од тука, нагоре треба да излеземе од него. После реката се скршнува в лево. Се упатуваме кон гребенот кој води кон врвот Убава. В десно е патот кон долината која води кон Остри врв. Но ние одиме лево, бидејќи прва дестинација ни е Убава. Очигледно беше дека патот е раскопан, прошируван или сосема нов. Така движевме по него рано наутро, чекајќи го сонцето да не огрее, откривајќи се од падините. Патот очигледно беше направен со одредена цел, а се откри дека тоа е резервоарот за вода, кој конечно го направиле во селото, кое и онака изобилува со вода од планината. Но ете, власите до сега не нашле за сходно да го направат. Тука се најдовме на крстопат и патот логично продолжуваше во лево, па се упативме натаму, но тоа се покажа како погрешна одлука, бидејќи новиот пат водеше до самата каптажа и тука завршуваше. Се вративме малку наназад и фативме угоре кон шумата и гребенот кој води директно кон Убава.
Иако пред само неколку недели (за велигденските празници) бев упатен кон Убава, целиот амбиент и патот изгледаше сега сосема поинаку. Тогаш имаше снег до колена, па и повеќе, а сега беше се раззеленето, свежо и мирисно. Излеговме и на макадамот кој водеше до првото бачило и пополека се најдовме на чистината над шумата. Врвот Убава ни се насмевна, а десно од него и остриот врв на Остри врв. Турата е можеби долга, но со нашето опуштено движење сето тоа изгледаше така лесно и пријатно. Одмор тука и таму, чекајќи ја опашката на групата, развлечена до немајкаде. Тука некаде сретнавме уште неколку планинари кој со нивниот дебел ловечки пес Алекс бавно се движеа нагоре, а со нив и го продолживме патот кон врвот.
Движевме по гребенот преку Црн врв, а од таму искачување преку карпите и по снегот кон Убава. За кратко бевме и на 2352 метри надморска висина на врвот Убава. Тука не покри облак и го скри погледот кон Солунска глава, за по кратка пауза да се упатиме надолу по гребенот кон Остри врв. За кратко бевме и на Остри врв и неговите 2340 метри. А од таму пак, удолу кон бачилото…
Уште кон врвот Убава групата се подели на два дела, едната побрза другата побавна. По бачилото, побрзиот дел од екипата не се движеше по патеката од каде се стигнува до макадамот кој се упатува кон селото, туку тенденциозно влезе во шумата за дополнителна доза авантура! Малку тренинг низ поекстремни планински услови, низ шума, реки, паднати дрвја, малку скршнувајќи кон десно, испитувајќи го самото срце на Караџица. Останатиот дел од екипата, по самата патека, циц-цак пополека се движеа најпрвин низ камената патека а потоа низ мирисливата и влажна шума, да го заврши воспоставениот круг на кружната тура. На макадамот веќе почна да роси, и во тишина, пополека спуштајќи се, уживавме во смирувачкиот тон на дождот, свежиот шумски воздух и темно зелениот амбиент.
Се собравме повторно на истата точка од каде тргнавме, селото Патишка река и комбето. Веселата дружина пополека се собираше, раскажувајќи ги ентузијастично секој своите искуства и случки. Шоферот даде знак и тгнуваме назад. Многу смеа во комбето, како да сме на екскурзија. А дружбата низ шега продолжи и во Батинци, пред кооперацијата на патот кон Маркова сушица со пиво, сок и месен нарезок со вегета. Ќе се прашате зошто баш месен нарезок и вегета? Според древната кумановска планинарска традиција, секоја тура се смета за успешна и завршена само доколку заврши со месен нарезок и вегета! Па така и ние нашата тура моравме да ја крунисаме по овој кумановски рецепт, секој земајќи по парче нарезок. Кружната тура Убава – Остри врв ја прогласувам за успешна!
Тони Димитров
Тони, Деско
Назад кон извештаите