Кнежино – Тајмиште – Сандакташ Кичево 31.10 – 01.11.09

30.10.2009

Договорот беше со воз да дојдеме во Кичево, а оттаму за Кнежино и за Тајмиште, кон врвот Сандакташ 1 980 м.н.в.

Сабота 08ч. Решено – сторено. Зборно место: Главната железничка станица, вкупно бевме 6: Марија, Јасна, Елена, Руди, Јас и Стевче – домаќинот од домот Тајмиште. И “нормално” возот не научен да тргнува навреме (поради немање пареа во возот, така ни објаснија), тргна во 08:25ч.

Кичево – 10:30ч. Не пречекуваат расположените домаќини, Кире и Мите. По кратко распределување на неопходното во ранците, тргнуваме кон Кнежино. Ја преминуваме пругата и благо навлегуваме на шумската патека. Патеката одлична, трасирана со помошта на веќе бившиот градоначалник од Кичево. Заслужува пофалба.

Уште на самиот почеток, се забележува дека природата е исткаена од разновидни бои, а есента дека е нејзиниот најдобар пријател. Неприметно стигнавме до с. Кнежино и до прекрасната куќа на уметноста. Некои што не знаеја за овој бисер на уметноста (тука се вбројувам и јас), беа видно воодушевени.

По краткото разгледување на преубавиот двор, внатрешноста беше уште поубава, насекаде се наоѓаа разновидни слики. Всушност, овде се одржуваат ликовни колонии, со голем број на уметници од речиси целиот свет.

За жал, моравме да го напуштиме ова магично место, за да се упатиме кон црквата св. Ѓорѓија. По патот најдовме голем број на костени, кои решивме да ги собереме и да направиме гозба од печени костени.

Стигнавме до св. Ѓорѓија. Не пречека љубезната домаќинка – монахиња, која не послужи со кафе и чај. Ја посетивме и прекрасната црква, се напивме вода и освежени тргнавме назад.&nbsp

Тргнавме шестмина, а се враќавме седуммина. Друштво ни правеше Ружа – куче од манастирот, кое неуморно и без грешка не донесе до Кичево.

Овде започна планот за одење кон домот во Тајмиште и потребните (задолжителни) освежителни пијалоци.

Се качивме во комбе и правец Тајмиште. Домот пристоен, го загреавме со дрва и веќе ја доби потребната топлина за пријатна атмосфера. Вечерта помина со песни и игра, каде главната улога ја имаше Мите и неговата неуморна армоника. Нашата дружина беше засилена и со пристигнувањето на “легендата” Роко, гостинката од Бугарија Тереза, Ема, Џамбо, Анета и Искра, а да, ќе заборавев за малку, сега друштво ни прави Лана – кучето на Ема.

Недела: Целта е врвот Сандакташ 1 980 м.н.в.

Тргнавме во 06:45ч. Свежо, пријатно утро. Кон врвот идеме вкупно 9 луѓе, но сега без Роко и Тереза.

Водачот на патот ние е Стевче кој се покажува како искусен водич.

Патот на моменти благ, па мало ритче, па нагло качување, проследено со шуштење на многубројните лисја под нашите нозе. Околу нас висока шума, небото наоблачено, пријатно за пешачење. По патот наоѓаме неколку извори со вода, каде малку одмараме, појадуваме и повторно следи искачување.

Наеднаш, пред нас се појавува рид, целиот послан со во бело. За момент помисливме дека е снег, на набрзо се уверивме дека е тоа иње. Искачувањето до ридот беше проследено со многу сонце, кое ни даваше фантастични слики од целата околина.

Со искачувањето на ридот, сега ни преостануваше единствено врвот Сандакташ, кој веќе оддалеку се забележуваше. Почна помалку и ветар, со што мораме набрзина да ставиме капи и ракавици.

Поделени во две групи, се упативме кон целта. Веднаш до самото подножје на врвот, се појави Мавровското езеро (ние се наоѓавме од страната на Леуново и Никифорово). Глетката беше прекрасна.

Стигнавме. Имаше малку и магла, но чувството дека успешно и без никакви попатни проблеми се одвиваше искачувањето, ни овозможи целосно да уживаме во глетките околу нас.

На враќање сонце. Го искористивме за мало одмарање и желни за пешачење се вративме во домот околу 15ч. Сите бевме полни со убави чувства, очите одморени со безбројните бои од природата, а секако и чувството на празен стомак.

Околу 18:30ч, се поздравивме со одличниот домаќин и водич Стевче, и сите си ветивме дека Тајмиште мора повторно да го посетиме.&nbsp

Петар

Назад кон извештаите
  • Vrsnik Step Marketi Velo Helo FPSM Bonita Alga San Alga San Sport Lab ProCredit Bank