Камп на Корабски водопад (06-07.06.2014)

10.06.2014

Длабока река е лева притока на Рибничка река, која пак е десна притока на реката Радика. На неа се наоѓа познатиот Корабски водопад , највисокиот водопад во Република Македонија од 136 метри, кој се јавува под врвот Мал Кораб во пролетните месеци со топењето на снегот.

Опколен е со прекрасен низ од планински врвови , од кои за нас најинтересни Рибничка Скала (2305 мнв) и Кабаш (2395 мнв). Тоа е невидена убавина предизвик на секој планинар.

На 6 јуни 2014 година мала група од 10-мина ентузијасти и тоа: Петар, Димитар, Сања, Дарко, Боби, Дејан, Јасенка, Мартин и Бојан решивме да појдеме во дводневна планинарска акција за посета на овие планински врвови.

Од Скопје појдовме од „Веро“ Центар, точно во 5.30 часот. Собрани сите во точно договорениот термин, спремни, насмеани, расположени полни со желба за освојување планински врвови и секако уживање во се што планината нуди.

Полни три коли опрема, шатори, вреќи за спиење и желба за планинарење, одиме по патот Маврово-Дебар. Попатно направивме мала кафе пауза во Маврови Анови, по што го продолживме патувањето и веќе во 8 часот пристигнавме во село Рибница. Натоварени со релативно тешките ранци тргнавме нагоре кон нашето одредиште Длабока Река каде требаше да ги поставиме нашите шатори. До Длабока Река пристигнавме околу 11,30 часот. Го најдовме нашето точно одредиште за логорување. Една прекрасна ледина со поглед на Корабскиот водопад, Рибничка скала и Кабаш од десна страна. Тука ги распнавме шаторите, одморивме малку , ручавме и околу 12,30 часот се упативме кон Рибничка скала , каде пристигнавме околу 14,30 часот.

Се одморивме 15-тина минути и потоа се поделивме во две групи. Тројца од групата Тони, Сања и Дејан тргнаа во 15,00 часот кон Кабаш а останатите се вратија во нашето одредиште во Длабока река каде ни беа поставени шаторите.

Искачувањето до Кабаш, е прилично тешко. Теренот е стрмен и од лева и од десна страна, а карпите се ронливи, што го оневозможува и го прави тежок приодот до самиот врв. Сања и Дејан беа упорни и се искачија до пред самиот врв на Кабаш, но сепак поради лошиот терен не сакаа да ризикуваат и решија да го прекинат натамошното качување. Во 16,30 часот тргнаа надолу кон одредиштето. Искачувањето до врвот го оставија за некоја друга прилика . Пристигнаа во 18.30 часот каде што ги чекаше топла супа подготвена од групата која се врати долу во шаторите.

Тони реши да го продолжи искачувањето, и успеа да се искачи на врвот Кабаш (2395мнв) во 17 часот.

Тони пресреќен што успеа да го искачи Кабаш, се врати во логорот во 19.30 часот.

После убаво поминатиот и исполнет ден, направивме мала забава која траеше до 23.00 часот, по што задоволни се повлековме секој во својот шатор на заслужен одмор.

Следниот ден, одмаравме, уживавме во прекрасното време,имавме необавезни прошетки и одмор по планината секој според своите желби.

Околу 14,00 часот ја спакувавме целата опрема и полека се спуштивме во селото Рибница од каде продолживме за Скопје.

Во Скопје пристигнавме во 21,30 часот.

Дејан Тодевски

Јасенка и Дарко

Назад кон извештаите
  • Vrsnik Step Marketi Velo Helo FPSM Bonita Alga San Alga San Sport Lab ProCredit Bank