07.04.2015
Како и секоја година, така и оваа, ПК “Македон” го славеше својот роденден.
Ова е првата официјална планинарска акција од пред седум години, изведена од наши членови од с. Кожле (катлановско) до с. Карабуниште (велешко).
Договорот беше да се собереме и тргнеме во 8:00 ч. од пред паркингот на Железничка станица. Пријавени имаше многу, превозот беше предвиден со комбиња, коли, а некои најавија и пристигнување до таму и со велосипеди.
Откако сите пристигнаа, започна распоредот за сместување во возилата и за околу половина час тргнавме.
Патот до нашата цел нè води кон Катланово, каде вртиме десно и по солидно асфалтиран пат за околу 30 мин. пристигнуваме до село Кожле. Откако пристигнаа сите и по неизбежното групно фотографирање, во колона по еден на чело со Макси, се тргна кон манастирот Св. Илија. Самата патека е лесна, со прекрасни погледи и панорами. Првата пауза некако традиционално е исполнета со раскажување на историјата на местото од римското царство, па сè до денес, од страна на Зоки – Ханс.
Потоа, патот води благо надоле, за да се спуштиме на рамно, од каде продолжуваме до интересниот висечки мост на реката Вардар. Веднаш од мостот, патот води покрај пругата која води од Скопје кон Велес до железничката станица Пчиња, па нагоре по блага угорнина, до манастирот. Во овој манастир, човек навистина има чувство дека е на свето место, мир и спокој се чувствува во воздухот. Доволно место има за одмор и окрепување со ладна вода од чешмите, од кои секогаш блика вода.
По краткиот одмор, поголемиот број од нас продолжи до с. Карабуниште. Патот води по угорнина и за околу 40 мин. пристигнавме до с. Карабуниште. Тоа е старо, напуштено село, со многу распаднати куќи, а на сред село се наоѓа чешма со многу убава и студена вода.
Договорот беше овде да направиме поголема пауза, која ја искористивме за мала закуска од ранец, опуштање со доста хумор и неизбежното фотографирање.
Дојде време да се тргне назад, од каде наместо сега да продолжиме веднаш по висечкиот мост лево назад за с.Кожле, планот беше да се упатиме десно кон реката Вардар и да дојдеме до местото каде се влива со реката Пчиња.
Така и направивме. Поделени во неколку групи, покрај реката стигнавме до манастирот Св.Богородица, која може да се види и од автопатот кон Велес.
Овде веќе имаше пристигнато доста од групите, кои во широкиот манастирски двор уживаа во преубавата и весела атмосфера. Ние како добри домаќини, веднаш се зафативме со работа. Запаливме скара и по извесно време веќе ги поделивме првите сендвичи. Не треба да го заборавиме и нашиот Боби, кој постојано ни свираше на својата гитара, правејќи уште повесела атмосфера.
Околу 16 ч. сите започнавме да се собираме и да се упатуваме кон с.Кожле. Иако не сакавме да се разделиме така лесно со преубавата природа околу нас, сепак сите полека тргнавме кон благата угорнина, која започнува веднаш од манастирот. Кога стигнавме, комбињата веќе беа пристигнати.
Роденденот помина во најдобар ред, времето беше сончево, луѓето насмеани, а ние позрели за уште една година како членови на нашиот клуб. Се гледаме и следната година, на истото место, со желба да бидеме во уште поголем број.
Петар
Александар, Боби, Петар
Назад кон извештаите