05.06.2014
Први јуни. Летото веќе одамна би требало да е започнато. Но, не е. Дождовите не се смирија, а снеговите се насекаде по планините. Но, поривот за искачување не стивнува, па какво и да е времето.
Зимава не прекинав со турите, па снегот и дождовите по планините веќе сериозно ми здодеаја. Сакам сонце. Да можам во мир да шетам по зелените падини од каде погледот се простира во бесконечност, кон следните ридови.
Веќе неколку години наназад во организација на ПК Македон, традиционално се случува искачувањето на врвот – Голем Крчин. Претежно во лето, но во различен период. Ако сметаме дека е веќе лето, можеби треба да се повтори оваа тура, традиционално. А по веќе голема зимска пауза од посериозни, помасовни, отворени тури, беше време да се преземе некаква иницијатива. Да се разбудиме од зимскиот сон и да ја започнеме сезоната.
Планината Дешат се издига наспроти Бистра, излевајќи се од Кораб, а слевајќи се во планината Стогово, претставувајќи ја така западната граница со Албанија. Кога стоите во дворот, или уште поубаво на терасата на црквата во Бигорскиот манастир, можеби и на прозорот на вашата ќелија, тоа е врвот кој се издига наспроти вас и заедно со Веливар на север и Рудина на југ го чинат остриот срт на Дешат. Тоа се врвовите позади кои во доцно лето го дочекувам зајдисонцето кога стојам на карпите на врвот Соколица во Лазарополе.
Идејата беше врвот да се искачи од селото Битуше. Со комбиња да се пристигне до месноста Драга над самото село, поточно на фудбалското игралиште и караулата, па низ прекрасната букова шума да се стигне до црквичето св. Спас, од каде започнува искачувањето на самиот врв. Од претходните тури зимово знам дека снегот е на врвовите, но над некои 2.200-2.300 метри надморска височина, така што опасност од многу снег и немаше. Сепак, групата која се пријави за оваа тура беше навистина голема (80-90тина планинари!), секој со своја спремност и темпо, па пожелно беше условите да бидат поблаги. Но. тоа не зависеше од нас.
Тргнување во 6 часот. Координација со оние кој доаѓаа со автомобили. Се сретнавме во Маврови анови и со трите комбиња и неколку автомобили продолживме кон дестинацијата. Расположението весело, иако времето не ветуваше многу. Облаци, облаци, насекаде.
Патот од селото Ростуша (заедно со Могорче, можеби најголемото село во реканскиот крај), па се до Битуше беше асфалтиран, па лесно се искачивме до караулата. Врвот беше окован во облаци. Прогнозите во текот на неделата пред искачувањето беа сите различни. Во секој случај барем дел од денот облаците, за жал, сигурно ќе беа присутни. Се надевавме секако дека прогнозите грешат.
Тргнавме од крајот на игралиштето, низ реката, па по маркираната патека послана со изгмечено влажно лисје. Скоро имало дожд, а коњите кои влечат исечени дрва ги изгмечиле. Тивко, но, брзо се движиме нагоре. Се до првата кратка пауза, која ја направивме кај првата чешма во првата третина од патот. Се наполнија резервите со изворска вода и веднаш продолживме понатаму преку отворената ледина, па повторно низ буковата шума кон самиот излез од шумата. Втората подолга пауза беше кај црквата св. Спас, каде се собра целата група. На Галева чешма се дополнија резервите изворска вода, во црквата се запали свеќа, направивме една групна фотка, се упати последниот поглед кон остатоците од Бистра, Галичник и долу Бигорски и… И толку. Тука некаде погледот се затвори, а ние имавме уште дел од нашата цел. Искачувањето на врвот.
Маглата веќе се спушти врз нас. Погледот се затвораше. Врвот се сокри. Тргнавме по маркацијата која кружеше од југ. Тоа беше во моментов најпогодна варијанта, иако постои и директно искачување покрај големата стена пред вас, а непосредно под врвот. Требаше да стигнеме горе до сртот и потоа по него на север до Голем Крчин. Побавно цик цак движење нагоре во позбиени редови поради маглата. Упатив поглед кон Рудина, која веќе не се ни наѕираше. Втората опција за оваа тура беше и искачување на врвот Рудина (2238 м.н.в.), на барем една помала група на поспремни планинари, додека останатите продолжуваат назад кон црквата, каде ќе се состане целата група. На сртот се гледаше снег, а маглата се спушташе се пониско. Веќе се поколебав за можноста на тој дел од планот. Не се откажувам лесно од воспоставените планови, особено кога се во прашање планините, но тука не донесував одлука само за мене. Сртот е прилично изложен и остар. Карпите се лизгави, особено во вакви услови кога на нив има остатоци од снег, а врне и дожд. Кога почнавме да пристапуваме нагоре кон сртот, погледот кон Рудина потполно се изгуби. Со големо жалење, констатирав дека тој дел од турата ќе биде одложен.
Иако целата тура е средно тешка, сепак бара доволно подготвеност и кондиција, особено во оваа последната третина (по црквата и искачувањето на врвот). Но, ме изненади компактноста на групата и брзината со која се движеше. Немаше застои, дури напротив, кога ќе направевме пауза за да ја почекаме опашката од групата, се инсистираше на продолжување. Па движевме континуирано со сериозно темпо за така голема група, која се лизгаше се побрзо по сртот и низ маглата. Едвај се гледаа три-четворица позади мене, значи некој дваесеттина метри. Но, немаше простор каде да се застрани. Сртот беше и повеќе од јасен, во правец на Крчин. Остана само уште да се дофати врвот. По некоја минута веќе стапнав на врвот, а учесниците почнаа да пристигнуваат. Честитање. Сликање.
Иако ова не е највисокиот врв на оваа планина (туку Веливар 2,371 м.н.в.), сепак најчесто се искачува. Тоа е поради црквата (во моментов темелите) која се наоѓа на врвот и традицијата на прославите кои со децении се случувале таму за празникот Голема Богородица. Сега прославата е преместена во црквичето кое го посетивме подолу, каде на празникот на 28 август доаѓаат монасите од Бигорскиот манастир и заедно со селаните ја слават Богородица. Така и секое искачување на овој врв е во нејзина слава.
Иако сите задоволни, за жал останавме должни за погледот кон Бистра на исток, Кораб на север, врвовите Рудина и Црвена плоча од Дешат, кои потоа се спуштаат кон Дебарското Езеро и Стогово на југ. Но, сепак, планината не е излет, туку може да биде и авантура. И тоа сериозна. Не ве прашува таа вас, туку вие треба да ја прашате неа. И ако добиете одговор, дури тогаш да и пристапите. До следниот пат на планината Дешат.
Тони Димитров
Дуле и Тони
Назад кон извештаите