22.09.2013
На редовниот состанок се договоривме да направиме планинарска акција до Ливадичко Езеро. За турата се пријавивме вкупно 17 планинари: јас-Ќос, Макси, Лина, Боби, Петар, Зоран, Борче, Емилија, Ирина, Александра, Маријана, Сања, Никола, Марта, Дејан, Костадина и Бојан.
Според договорот, во неделата, во 6:00 ч. сите се собравме и веќе во 6:10 ч. со четири автомобили се упативме кон Старо Село. За отприлика еден час веќе пристигнавме во Старо Село, каде што ги паркиравме автомобилите и сите возбудени почнавме да се воодушевуваме на прекрасното време.
По кратките подготовки околу 7:20 ч. се упативме кон планинарскиот дом Љуботен. Движејќи се по патот, уживавме во превкусните капини, и ги впивавме убавините кои ни ги нуди прекрасната шума, која беше поизразена во моментите кога ги користевме кратенките од главниот пат. Попатно, повеќето од нас беа убедени дека ќе не следи убаво време, што може да се забележи од фотографиите кои ги направи Лина.
Кога излеговме од шумата, на неколку стотини метри пред планинарскиот дом, не &bdquo стигна&ldquo ветер кој не принуди да се облечеме, а воедно забележавме дека ни донел и облаци низ кои ќе треба да се движиме понатаму.
Во домот пристигнавме пред 9 ч. каде што направивме кратка пауза со чајче и ги извршивме последните подготовки за посериозниот дел од искачувањето. Се поделивме на две групи, Борче и Емилија кои тргнаа до Пирибег, како една група и сите останати како втора група. Откако уште еднаш се потврди рутата по која треба да се движиме, се упативме кон првата попатна станица, која ја нарековме Патоказот, каде што ги направивме и првите групни фотографии.
Попатно се пресретнавме со група планинари од Битола, кои се враќаа од врвот Љуботен и не предупредија на лошото време што не очекува.
Кога веќе бевме сигурни дека претходно убавото време нe напушта, психички се подготвивме за планинарење во лоши услови и почнавме полека, но сигурно да освојуваме дел по дел од патеката. Приближувајќи се до првиот каменит дел и навлегување на висина поголема од 1.800 мнв, веќе навлегувавме во облаците кои ни ветуваа магла во натамошното движење, па бевме принудени повеќе пати да застануваме и да ја правиме групата покомпактна, а со самото тоа и обврската на водичот (Петар) се зголеми со почесто пребројување.
Откако излеговме од сипарот, се упативме по седлото каде почуствувавме дека ветерот почнува да се засилува. Тимски се &bdquo преброивме&ldquo со опрема и учесниците кои не носеа доволно опрема за кратко време ги &bdquo дотеравме&ldquo да можат да го продолжат движењето.
Во такви услови се движевме околу 4 часа каде стигнавме до местото каде што треба да почне спуштањето до Ливадичко Езеро. Но, поради временските услови и заветрината која ни ја нудеше тоа место, одлучивме да не се симнеме до езерото и тука да направивме пауза. Искористувајќи ја паузата, малку каснавме и поуживавме во топлината која ни ја овозможи тоа место. Навистина немавме можност да уживаме во видиците од таа местоположба но, сепак, спојувањето со природата и во вакви услови знае да биде прекрасно.
Откако собравме сила, единаесет од нас решивме да тргнеме веднаш за назад, а четворица останаа уште малку да се насладуваат на убавината. Оваа поделба на групата подоцна се покажа како непрактична работа и ситна грешка во целата тура, бидејќи помалата група поради маглата накратко излезе од патеката, па беше принудена да се враќа назад, се додека повторно не се насочи по правиот пат, каде што случајно се најде со Борче и Емилија, кои веќе се враќаа по успешното искачување на Пирибег.
Околу 17 часот, сите 17 учесници повторно сѐ собравме во планинарскиот дом, каде си ги раскажавме меѓусебните доживувања. За отприлика еден час пауза, сѐ упативме кон Старо Село и цело време се движевме по патот, односно не ги користевме кратенките. Со ова утврдивме дека во ноќни услови препорачливо е да не се користат кратенките. Кога веќе стигнавме кај возилата, уште еднаш меѓусебно си заблагодаривме за прекрасно поминатиот ден и си ветивме дека оваа акција наскоро ќе ја повториме со надеж дека ќе имаме поубаво време.
Во Скопје пристигнавме околу 21 часот.
Љупчо – Ќос
Лина
Назад кон извештаите