05.02.2010
Авантурата на планина, “Плачковица 2010“ ја започнавме во петок попладне, во 18 часот. Четворица членови на КПС Македон (Алек, Аце, Петар и Марија) се упативме со кола кон ПД Вртешка, каде стигнавме за околу 4 часа поради проблемите со мразот на патот.
За добар пречек во домот се погрижија Виктор и веселите домаќини, па така по топлиот оброк им се придруживме во веселбата со жива музика која траеше до раните утрински часови. Следното утро на дневен ред беше маршот во чест на екс-претседателот Борис Трајковски, од ПД Вртешка до ПД Џумаја во должина од околу 12 километри.
Временските услови не ни беа наклонети, покрај обилните врнежи од снег за време на целата маршута бевме придружувани и од силен ветар кој придонесуваше за снижување на температурата за дополнителни 6-7 степени. И покрај тоа утрото во 10 часот група од 27 планинари и едно куче ја започнавме турата што успешно заврши по 6 часа пешачење или шест етапи по еден саат како што љубат да кажат домаќините.
А потоа се разбира следеше реприза од претходната вечер, пеачот кому ова му беше генерална проба пред настапот на “Гоце Фест“ придружуван од неколку музички инструменти ни демонстрираше дел од својот богат репертоар. Сепак по испиеното “уште по едно пиво“ предвреме ја напуштивме забавата и околу полноќ се упативме на спиење, бидејќи за разлика од останатите учесници кои следниот ден си заминуваа со комбе ние имавме уште за пешачење и тоа истата рута назад кон ПД Вртешка.
Неделното утро го започнавме рано уште во 6 часот, за да во 7 појдеме назад по истиот пат, но овој пат само петмина и при поповолни временски услови го минавме значително побргу т.е. за 3 и пол часа. Кога стигнавме кај автомобилот започна нашата авантура што слободно може да конкурира за реалното шоу “Survivor”. Прво дефект со ладењето на моторот и тоа во сред зима на планина, следеше делот со неадекватните синџири за мраз, за на крај да завршиме со испразнет акумулатор. После речиси 5 часа играње автомеханичари во снегот на 1200 метри н.м.в., на што морам да додадам дека членовите на КПС Македон во целост добро се покажаа, можевме да продолжиме на патот кон дома. Поточно кон Штип на добра пастрмајлија, како шлаг на оваа интересна акција.
Александар Кирковски
Алек и Виктор
Назад кон извештаите