Меморијал „Појак Калман“

05.10.2008

Саботно утро, 4 октомври, сите на зборното место- меѓуградска автобуска станица. По пребројувањето свативме дека 8 члена ја откажаа турата во последен час. Најавуваното лошо време за викендот од страна на метеролозите се исполни. Беше темно и тмурно, по пат за Куманово за цело време не следеше магла, но не заврна. Кога стигнавме таму, сите не осветли и стопли сончевата насмевка на Ваце. Не само нас, таа енергија како да се заврте и кон небото, па така целиот ден понатака беше сончев и прекрасен. Ваце е ликот кој цело време ги изнудуваше нашите насмевки и со кој секој можеше да си ја испроба моќта на реплика и &ldquo пуштање водичка&ldquo . Се разбира дека нема никој да го победи, само да види до каде е, плус не ги исполнува двата најважни услови: не e Кумановец и не e Ваце.

На автобуската во Куманово дојде и главниот организатор кој исто така ни посака добредојде, ни даде некои картони и листа со правила. Правилата беа ригорозни, но подоцна никој не ги прекрши и никој не беше дисквалификуван. Воочивме дека прошетката од 3-4 саата всушност е марш, маратон -&ldquo Полјак Калман&ldquo со должина од 16 километри (според GPS oт на Боби- 24 км.)и е од натпреварувачки карактер. Така сите си ја свативме сериозно работата, па времето на чекање на автобуската го искористивме за правење стратегија на делување.

Прво Сандра не доразбуди сите со &ldquo индијанско нескафе&ldquo на автобуска. Рецепт: Од конзерва кафето го сипаш во пластична чашка. Мерењето се прави од око и е еднакво на околу 3 регуларни лажички.Додаваш малку вода од шише, не повеќе од пола чашка, и ја вртиш раката во кружни хоризонтални движења(правец на движење на стрелка на часовник) се додека исчезне талогот. Може да си помогнеш и со показалецот на другата рака. Така сите добро се подразбудивме и малку ни се вклучија мозоците.
Другото беше, најспремните да тргнат први и да се одвојат од групата, дури и под жртва други да им ги носат ранците. Доколку има некакви најави за конкурентност, ние другите од позадина да делуваме.

Полека тргнавме со автобус кон селото Жегљане, каде беше почетокот. Таму не пречека сонцето и прекасната зелена ливада.Организаторот Мартин ни ги даде позициите за ориентација:&ldquo цело време е колски пат, следете ги бандерите, далноводите, антените од десно да ви бидат цело време, нивите со компири да ги поминете,после доаѓа &ldquo студена вода&ldquo со дрвеното корито направено од едно дрво. Имате 5 контролни точки…јасно….&ldquo Јасно.
Патеката беше одлично одбележана. Да го пофалиме и Љубиша , кој не информираше дека во маркирањето бил задолжен за белата боја.

Да се вратиме на стартот. Тој беше успешен, 28 луѓе, без дисквалификација, ниту пак казнени поени. Боби и Аце за брзо време се одвоија, а ние си одевме полека. Теренот не беше тежок. Не многу стрмни брда, и прекрасна природа насекаде околу тебе. После некое време свативме дека е подолг патот од очекуваното и ќе ни треба повеќе време. Тоа го дополнија и ранците во кои имавме вреќи за спиење, многу течности од секаков тип, компири од Рамстор и сл. Грбовите брзо ни откажаа па затоа правевме повеќе паузи. Желбата да стигнеме до целта, убавите предели и нештата со кои прв пат се сретнавме, победија се. Ја видов најголемата свиња во мојот живот, ама стварно беревме печурки, сончарки. И за нив научив нешто. Прстенот што им е на дршката треба да се мрда во правец горе- долу, по тоа се разликувала од нејзиниот двојник. Потоа јадевме капини. Тоа го знаев и го владеев. Беревме шипинки, научив нешто и за буката итн.

Интересно беше и тоа што после 3 тата контролна точка никој не знаеше уште колку време имаме за одење. Веќе беше 3 часот, па така информации добивавме од луѓето кои работеа на нивите со компири и овчарите. Тие беа со загрижувачки карактер. Времето се движеше од 3-4 саати пат уште за одење. Јас не им поверував, водена од претходни искуства, имам заклучено дека луѓето од селска средина немаат јасна претстава за километри и за време. Сепак нивното кажување беше доволно за да се разврзе муабет од типот &ldquo преноќување во планина&ldquo . Имаме ли се, храна, вода, топло за спиење.

Тогаш го сретнавме и SOS џипот кој отиде по последната група која заостана. После тоа наидовме на каваљери од домаќините кои ни помогнаа околу ранците, па за околу 2 саата бевме на целта, во планинарскиот дом во с. Длабочица. Не освежија со топло чајче и честитки за успешно завршениот маратон. По раскомотувањето следуваше јадењето. Компир манџа со изобилство од колбавчиња, зелка салата и лепче. Во тоа време се спушти и ноќта, почна дождот и полека почна натпејувањето. Потоа следеше официјалното затворање на маршот и прогласување на победниците. Сите беа победници, но нашиот клуб- Македон ги зема наградите: прво место- Боби, второ- Аце, трето- Оли. Најмлад учесник- Санда, како и главната награ и пехар за најмасовен тим. Тука сите ќе ги спомнам во случај некогаш да даваат планинарска споменица (знам дедоми имаше таква партизанска). Значи тимот беше: Боби, Мила, Анета и Анела, Аце, Оли, Јас(види на крај), Санда, Сандра и Кицо. Сите бевме пресреќни и задоволни. Со Санда испрживме кобасички и малку, по грешка го оплеменивме и чајот со истите, но фала богу никој не примети. Сандра ги свари компирите и се беше по мерка. Така и заврши вечерта, си легнавме и заспавме.

Утрото не разбуди дождот кој паѓал цела ноќ. Мора да признаам највеќе спиевме од сите. По кафето, доручекот и подготовките, се поздравивме со домаќините и тргнавме за с. Арбанашко (9км) каде не чекаше превозот. За целото време на патот присутен беше дождот, па се израдувавме и на првото овогодишно снегче придружено со ветер. Откако го завршивме пешачењето, се промени и времето, излезе вчерашното сонце кое не рассоблече сите. По програмата, попатно ја посетивме и опсерваторијата во Кокино, како и црквата на св. Ѓорѓија во с.Старо Нагоричане која датира од 11 век. Клисарот ни објасни за вековното опстојување на црквата, во различни власти и војувања. Таа исто така има и неколку спечифични и единствени во свет делови од иконостасот, кои нема да ви ги откријам (препорачувам лично да ги видете).

По враќањето во Куманово и поздравувањето со добрите домаќини тргнавме за Скопје.

Пишува: Искра Геразова

Назад кон извештаите
  • Vrsnik Step Marketi Velo Helo FPSM Bonita Alga San Alga San Sport Lab ProCredit Bank