Миленков Камен – 31 јануари 2011

31.01.2011

Миленков Камен отсекогаш побудувал пријатни спомени, посебно зимно време. Поради ова, сé одлучивме да го посетиме тоа прекрасно и мистично место.

Недела, 07:15 ч, со две коли и 7 луѓе (Мила – организатор, Искра, Дуле, Макси, Димитар, Дејан – Битола и Петар), се упатуваме кон с. Патишка Река. Иако, имавме најави дека е можно по патот до селото да имаме снег, сепак “прогнозерите” не погодија (за наша среќа).

Пристигнавме во Патишка Река (960 м.). Прогнозата за тој ден, Сонце и слаб ветер. По кратки подготовки, во 08:20 ч. се упатуваме кон нашата цел. И додека, селото сé уште не беше разбудено, на небото како да се појавија траги од Сонце.

Со лесно темпо, кратки паузи и секако со многу фотографирања, брзо ја одминавме прекрасната шума и во 12 ч. ја направивме првата поголема пауза. Сонцето веќе беше високо над нас и ни даваше одличен поглед кон Миленков Камен и околните врвови.

По паузата, тргнуваме кон ливадите. Сонцето нé милува, сите ја чувствуваме убавината на миксот од снег и Сонце. Снегот добар за движење, на моменти, Дуле (нашиот водич) пропаѓа во неразгазениот снег. Полека, но сигурно, го искачуваме делот кој е прилично стрмен.

Веднаш по ова, следуваше прекрасна глетка – Убава, Остри Врв, беа толку восхитувачки. Можеби, истото време го очекувавме да го имаме и на нашата денешна цел, но сепак, над врвот имаше доста темни облаци. Не дозволивме да нé премисли таквото време и самоуверено се упативме кон седлото. Не пречека доста силен и ладен ветер. Но, нашата желба за фотографирање беше посилна. Веќе ни се насмевнуваше Миленков Камен. Почнуваме со последното искачување. Снегот мек, не е влажен и повторно Сонце.

Стигнавме во 13 ч. на Миленков Камен (2.100 м.), кој се наоѓа на западниот срт на Караџица, кој гледа кон Поречието, езерото Козјак, а веднаш под нас е ловиштето Јасен. Не пречекува тивко и многу сончево време. По кратката ужина и “нормално” долгото фотографирање во сите правци, наеднаш под нас , во правец на Јасен, во далечината, здогледавме голем број на диви кози.

Но, колку и да не сакавме, веќе моравме да мислиме за назад. Се враќаме по истиот пат, но сега веќе по разгазен снег. Во одлично расположение, започнуваме со фотосесиите (ги имавме многу и назад). Дуле е расположен за фотографии и давање упатства каде и како да се наместиме. Полека, но сигурно, проследено со многу вицеви, навивачки песни од другарот Макси, се приближивме до ливадите. Наеднаш, сé појави магла, но само за кратко. Можеби нé набљудуваше и мечка, според Димитар, но ние упорно си продолживме (можеби од долгото чекање, мечката се “скаменила”).

Веќе бевме кај шумата. Знаевме дека уживањето ни завршува наскоро, па затоа, како за инает, направивме уште една (и последна) фотосесија.

Во 17 ч. задоволни , но и малку изморени и жедни, стигнавме во селото.

Сé на се,прекрасно планинарско доживување, кое ќе мораме повторно да го направиме!

Петар

Дуле, Димитар, Петар, Макси

Назад кон извештаите
  • Vrsnik Step Marketi Velo Helo FPSM Bonita Alga San Alga San Sport Lab ProCredit Bank