Монте Роса – Мон Блан (4.810 м.н.в) 24 јули – 02 август 2012

24.07.2012

Иако желбата и идејата на ПК “Македон” беше во што поголем број да ја изведеме оваа планинарска акција, сепак, поради многубројни причини,  моравме да констатираме дека само двајца ќе имаат среќа ова лето да се обидат во искачувањето на Монте Роса и Мон Блан.

Утрото, на 24 јули, започна нашата авантура. И тоа поминувајќи ја цела поранешна Југославиjа  во должина, се упативме кон  Северна Италија: преку  Венеција, Милано, каде по околу 20 часовно непрекинато возење  да стигнеме рано наутро во долината на Алања Валсесиа. Иако доста уморни од долгиот пат,  високите врвови околу нас, негуваното зеленило, убавото цвеќе на секоја куќа,  делуваа доста освежувачки и веќе бевме нестрпливи што побрзо да ја  започнеме нашата авантура – Монте Роса.

Името Монте Роса  доаѓа од италијанскиот, но името  е изведено од француско-провансалски дијалект,  кoj значи “глечер”. Монте Роса е највисока планина во Швајцарија и втора по височина на Алпите. Се наоѓа на крајниот северозапад од Италија, на границата меѓу Швајцарија и Италија. На Монте Роса има многу врвови над 4.000 метри, меѓу кои се третиот (Dufourspitze 4.634 м.н.в.), петтиот (Zumsteinspitze – 4.563 м.н.в.).), шестиот (Signalkuppe – 4.554 м.н.в.).) врв по височина на Алпите.  На Монте Роса се наоѓа и највисокиот планинарски дом на Алпите, домот Маргарита (на Signalkuppe 4.554 м.н.в).

По еден час подготовки, по неколку контроли да не се заборави неопходната опрема: цепини, дерези, кациги, појаси, карабини, во 7 час. тргнуваме кон жичниците. Првата тргнува од 1.250 м.н.в. која не носи  до жицницата  Pianalunga (2.050 м.н.в.) и на крај преку Passo Salati (2.971 м.н.в.) да пристигнеме до платото, од каде се забележуваат прекрасните  алпски врвови. Од овде веќе започнува снегот, и заедно со уште една помала група планинари тргнуваме кон нашата цел  за тој ден – домот “Гнифети”. Патот не води по обележана патека, одиме со умерено темпо, а по час и половина  пристигнавме до последниот дел, составен од карпест и стрмен дел, кој води по метални скали и ортоми.

По едночасовно внимателно искачување, го забележавме домот. Сонцето веќе беше силно и стануваше доста топло. Во домот пристигнавме на пладне, каде се наоѓаа многу планинари од речиси сите европски земји. Влеговме во големиот и комотен дом “Гнифети “ (3.647 м.н.в)  со љубезен персонал. Во домот има 180 кревети, има ресторани на првите 2 ката и соби на горните 2 ката и тушеви (4 евра за 2 минути туширање. А, има и мал хелиодром на покривот. Со прикажувањето на нашите планинарски книшки, ни следуваше попуст, така што плативме 27 евра за една ноќ. Денот го користевме за внесување задолжителна  поголема количина вода (околу 2 – 3 л.) заради полесно поднесување на  висинската разлика, за одмор во удобните кревети и уживање на  прекрасната тераса, каде се сончаа планинарите, кои уживаа во преубавата алпска атмосфера.

Утрото, во 6 часот тргнавме нагоре. Со Алек врзани во наврска, со цепини во рацете тргнавме нагоре.  Пред и зад нас имаше уште 20 – тина планинари, кои во наврска внимателно се движеа. Околу нас се наоѓаа многубројни врвови, од нашата десна  страна имаше остатоци од неодамнешна падната лавина, разни процепи, карактеристични за еден глечер. Големо воодушевување кај нас предизвика  и гордиот врв – Матерхорн (4.478 м.н.в.)  кој се наоѓа во швајцарскиот дел. Иако беше околу 7 часот, времето беше доста топло, снегот под нашите дерези на некои места се лизгаше, што секако не беше пријатно да се оди, ако се знае какови опасности може да предизвика глечерот. И конечно, кога излеговме на платото на 4.300 м.н.в. ги видовме врвовите Dufourspitze (4.663 м.н.в.), Zumsteinspitze (4.563 м.н.в) и највисокиот планинарски дом на Алпите –  Capanna Margherita на врвот Signalkuppe (4.554 м.н.в.) или Gnifetti (италијанско име на врвот). Домот е именуван според италијанската кралица Маргарита која официјално го отворила домот во далечната 1893 година. Во домот пристигнавме околу 11 час. Насекаде имаше планинари кои како мравки одеа од еден врв кон друг, правејќи разни комбинации, кои само тие ги разбираа. Овде малку одморивме, набрзина ужинавме, повторно многу вода и веднаш излеговме на терасата од домот. Тоа беше според нас, најубавото место од каде се гледаа безбројните врвови во далечината, а доколку се погледне надоле, може здивот да ти застане од  големите провалии  кои се наоѓаа под терасата.

Веќе одморени и среќни поради тоа што се наоѓаме на вакво преубаво место, започнавме да се фотографираме. На “помош” моравме да повикаме и неколку француски и шпански планинари, кои при секое нивно фотографирање, љубопитно не прашуваа од која земја сме, бидејќи македонското знаме им беше непознато (тоа е нивен проблем). Задржувајќи се овде околу 2 часа, решивме да се враќаме надоле. Сончевото време и понатаму не следеше, за подоцна, да претставува сериозен проблем. Враќањето назад го одбележа снегот , кој веќе беше доста истопен, лизгав , со што секој наш чекор претставуваше мало пропаѓање. Назад, на патеката по која се враќавме, забележавме поголеми процепи, кои беа значително големи. Во домот “Гнифети” се вративме околу 15 час. Следуваше одмор, средување на ранците и опремата и околу 16: 30 час. тргнавме назад.

По пристигнувањето во гратчето, веднаш се упативме кон преубавиот камп. Набрзина го поставивме шаторот, одморивме и започнавме веќе да размислуваме за  нашата следна цел – Шамони и врвот Мон Блан.

Следното утро набрзина го собравме нашиот шатор и веднаш се упативме кон нашата следна цел – Мон Блан.

Самиот масив за прв пат е искачен во 1786 год. и се наоѓа на италијанско – француската граница, па искачувањето е можно од двете страни. Наш избор беше една од рутите од француската страна. Таму, во подножјето на масивот на околу 1.000 м.н.в се наоѓа Шамони, прекрасно гратче со околу 9.000 жители сместено во срцето на Алпите. Овде во 1924 година се одржале првите зимски олимписки игри, а денес местото е посетено од многубројни туристи во текот на целата година. И покрај тоа што Шамони изобилува со хотели и пансиони, повеќето планинари и алпинисти се сместуваат во некои од околните кампови. Секако, истото го направивме и ние.

По неколку дена минати во Шамони, имавме добра временска прогноза и беше време да тргнеме во освојување на Мон Блан.

На 31 јули, од гратчето Les Houches (800 м.н.в)  во 07:30 час. се качивме со првата жичара, а потоа се префрливме со  запчестиот воз Mont-Blanc tramway до станицата Mont Lachat на 2.077 м.н.в. Од тука, по каменест терен рутата води кон планинарскиот дом Tete Rousse на 3.167 м.н.в. Некои од планинарите ноќеваат овде со цел подобро да се аклиматизираат на надморската височина, но ние немавме потреба со оглед на тоа што претходно искачивме неколку врвови над 4.000 м.н.в на италијанските алпи. Па така, продолживме кон следниот дом De Gouter, кој се наоѓа на 3.817 м.н.в. До него патеката води најпрво по малиот глечер Tete Rousse, а потоа следи искачување на голема стена минувајќи преку познатиот “кулоар на смртта” во нејзиното подножје. Самата патека по стената до домот De Gouter на повеќе места е добро обезбедена со фиксирани сајли и во добри временски услови не е особено тешка за искачување. Во планинарскиот дом стигнавме околу 13 – 14 часот и времето го користевме за одмор во трпезаријата. Капацитетот на овој дом е мал, така што, речиси е невозможно да добиете кревет и повеќето од планинарите ноќта ја минуваат на подот во трпезаријата. Во 21 часот навечер е официјалното време за легнување овде, па така си фативме место на подот и се обидувавме да заспиеме, додека надвор се уште Сонцето беше на хоризонтот.

Се разбудив во 1 часот по полноќ, ако може да се каже дека воопшто и спиев ноќта во такви услови и на таа височина. Беше рано за поаѓање кон врвот, овде вообичаено планинарите тоа го прават околу 4 часот наутро. Сепак, го разбудив Петар и му предложив да се спремиме и да тргнеме порано. Така и направивме, по кратки подготовки  го напуштивме домот околу 2 часот и во друштво на тројца Шпанци се упативме кон врвот. Надвор беше многу студено и дуваше силен ветар, а полната месечина ни го осветлуваше патот, па и немавме голема потреба од челните батерии. Овде патеката води по терен покриен со снег и мраз во текот на целата година и нема поголеми наклони се до половина од рутата, односно до бивакот Vallot на 4.362 м.н.в. Тоа е мало засолниште со капацитет од 12 легла, кое ние го искористивме за да направиме мал одмор. Во продолжение кон врвот започнува искачувањето на пострмен и заледен гребен и бара поголемо внимание и користење на цепинот. Силниот ветер ни правеше проблеми на гребенот, па не напредувавме премногу брзо. Само што излезе Сонцето, а ветерот го намали интензитетот, ние бевме на неколку стотици метри од врвот. Возбудата беше голема, глетките величенствени, Мон Блан на дофат на рака. Нешто по 7 часот веќе бевме на врвот висок 4.810 метри, каде се задржавме околу половина час. Мисијата беше исполнета, а со тоа ние пресреќни. Направивме фотографии за спомен и веќе не чекаше долг пат надолу, по кој требаше секако да бидеме многу внимателни.

По слегувањето во Шамони, останавме уште ден-два постојано фрлајќи поглед кон Мон Блан, со ветување дека повторно ќе се вратиме.

Алек и Петар

Алек и Петар

Назад кон извештаите
  • Vrsnik Step Marketi Velo Helo FPSM Bonita Alga San Alga San Sport Lab ProCredit Bank