Традиционален 25-ти марш во чест на Димитар Илиевски – Мурато

02.06.2014

И покрај разноликоста на настани која беше понудена викендот 10-11.05.2014, не ни беше тешко да избереме каде сакаме истиот да го поминеме. Договорени една недела однапред, пет членови на Македон: Петар Ивановски, Дејан Атанасов, Никола Тануровски, Боби Китановски и јас, Александра Моцаноска, уште рано во саботата се собравме, секој од својата страна и се упативме кон Пелистер.

Планот ни беше познат уште при самото организирање на акцијата, односно да одиме кон домот Големо Езеро, таму да се растовариме, да го искачиме Пелистер движејќи се по сртовите и да се вратиме повторно назад на Големо Езеро. Така и се случи. Од Ниже Поле тргнавме во 6:20 часот и движејќи се со умерено темпо, во домот стигнавме околу 8:20 ч. Утрото беше сончево, со мала облачност. Денот ветуваше убаво време. По краткиот доручек во домот, дисциплинирано, во 9.30 часот се упативме кон Пелистер, движејќи се по сртовите. Така ги искачивме Партизански врв (2.349 мнв) и Широко стапало (2.425 мнв). На врв пристигнавме околу пладне. Убаво беше да се видат познати лица, пристигнати од секаде во чест на првиот Македонец кој го искачил Монт Еверест. И покрај нашите заложби, а можам да кажам и забушавања што подолго да останеме на врвот, свирчето на одговорниот задолжен да го следи последниот човек во колоната, постојано нѐ предупредуваше да тргнуваме за назад. На иста фреквенција мислам дека беа и временските услови. Се погуста магла и поладен ветер. Каква штета! Во домот Големо Езеро пристигнавме околу 15:30 ч. По благодатта која ја дава топлата облека, заслужениот оброк и деветчасовното пешачење за тој ден, спокојно се излежувавме на мајското сонце крај замрзнатото Големо Езеро. Вечерта ја поминавме како и секоја добро завршена акција, со навраќање на заедничките случки и авантури, но и непријатни ситуации на планина, кои сега ни изгледаа смешно.

Следниот ден будење во 6, а веќе во 7 ч. бевме спремни за тргнување. За тој ден на агендата беше искачувањето на Трескавец, а за некои од нас и Златоврв. Ни беше жал што си заминуваме, но си заминавме со планови за следни, повеќедневни акции на Баба Планина, што сум сигурна дека ќе доживеат своја реализација набрзо. До возилото пристигнавме за околу 2,5 часа, а причината за подолготрајното симнување – берење на јаглика и уживање во пејзажите кои ги нуди Баба Планина. Искачувањето на Трескавец го започнавме на пладне и жешко време. Во манастирот пристигнавме за два часа. Таму се сретнавме со останати членови на ПК “Македон” со кои ги поделивме промените кои ни се имаа случено во меѓувреме, а Боби и Дејан се качија на Златоврв. На тој начин го заокруживме овој прекрасно поминат викенд.

Александра Моцаноска

Сите

Назад кон извештаите
  • Scout Nomad Mobility Garmin Intersport Step Marketi Stop&Go