09.10.2010
Целата авантура во искачувањето на Мусала и Маљовица беше составена од 17 одлични планинари и љубители на природата кои беа добро физички подготвени и двајца оптимисти кои беа само љубители на природата. Несвесни за својата одлична физичка подготвеност тргнаа во поход на највисокиот врв на балканот.
Групата тргна во 06 часот изутрината, но по мало недоразбирање двете групи се разделија уште на самиот почеток. Двајцата оптимисти несвесно тргнаа по стапките на Иван и Денко. Не требаше да помине долго време за да сфатат дека имаат направено огромна грешка и дека ако сакаат да не останат сами во планината ќе треба да поминат близу 10 км во еден здив. Секоја чест за наметнатото темпо, а и за нивната кондиција! Наградата за темпото следуваше во планинарскиот дом Мусала на 2369 мнв кога имаа нераспределено време од 30 минути додека ја дочекаат групата која буквално се „влечеше” позади нив.
По паузата групата се упати на врвот 2925 мнв каде не дочека топол чај и прекрасна глетка во правците каде немаше магла. Македонското знаме и клубското знаме беа вивнати високо додека правевме многу слики и разгледници од прекрасната глетка од врвот.
За да им биде направена повозбудлива приказната на двајцата оптимисти групата, имаше ноќно качување од хижа „Маљовица“ во траење од час и полоовина, но оптимистите искусно одиграа и се сместија во првиот хотел. Групата продолжи по планот и се искачи до домот каде ги дочекаа „љубезните домари” и само што „исчистените” и „затоплени апартмани”. Изутрината единаесет храбри планинари се упатија кон врвот Маљовица каде ги дочека прекрасно време со многу сонце и прекрасен поглед над облаците.
Оптимистите утрината се упатија за да се спојат со остатокот од групата во домот Маљовица каде заедно решија дека најдобро за сите е да се симнат во хотелот и да се згреат на топлиот камин и да го прослават роденденот на Искра и Боби.
По долгата вечер помината во дружење, разновидно вино и пиво, вкусно јадење и мезе следеше заслужен одмор, а утредента шопинг на планинарска опрема во Софија.
Иво
Назад кон извештаите