13.09.2008
Во Саботата, на ден 13 Септември 2008 год. се договоривме следниот ден да одиме на Матка. Иако последниот состанок што го одржавме во понеделникот, имавме желба да тргнеме од Водно кон Свети Никола Шишевски, и таму да направиме логорување, поради временските информации за лошо време (не бевме расположени за дожд), се одлучивме за еднодневна акција на Матка. Вечерта, за да добијам поточни информации за следниот ден, отворив четири интернет страници. На две од нив предвидуваа дека попладне се очекува зголемена облачност, со услови за дожд, а на другите две,дека целиот ден ќе помине само со променливо облачно време, но без врнежи. И двете погречија. Јас и Мила тоа најубаво го почувствувавме…
Идејата ни беше,да влеземе две наврски на &ldquo Новогодишен&rdquo . Тоа е алпинистичка насока која што спага во нашите &ldquo класични&rdquo искачувања, препорачливи за сите оние што сакаат да ги направат своите први чекори во алпинизмот. Тргнавме пет члена од КПС &bdquo Македон&ldquo : јас, Мила, Бојана, Карас и Игор. Освен мене, единствено Карас имаше доволно искуство да води уште еден член за да ја изведеме нашата идеја за две наврски. Но уште на самиот старт кога пристигнавме на Матка, ни стана јасно дека времето нема да сака да се дружи со нас, барем не така како што ние се надевавме за тој ден. Почна да врне уште од самиот почеток. По нашето пристигнување кај Манастирот Св.Никола, се напивме чај, и се уште се надевавме дека условите ќе се подобрат. После подолго време исчекување,дождот почна да намалува. Донесов одлука да тргнеме само јас и Мила. Причината беше таа што Карас ми кажа дека немал приика да ја качува порано оваа насока, а јас сметав дека сега не е добар момент за првпат, поради деликатните услови. Иако е тоа лесен смер, сепак никогаш не смее да се потценува, посебно тогаш кога треба да се водат луѓе што ги прават своите први чекори во овие активности.
Уште порано на еден од нашите состаноци, размислував, да ја однесам Мила да ја искачи оваа насока. Тоа посебно ми се јави како идеја после нашиот престој во Трпејца. Таму многумина ги направија своите први контакти со оваа активност, а Мила, морам да кажам дека пријатно ме изненади. Иако тоа и беше првпат, одлично се снаоѓаше. Качуваше релаксирано, без грч, и внимателно ги слушасе инструкциите.
Земајќи ги овие мои согледувања во предвид, помислив дека би било добро, нашиот претседател на клубот да го искуси и поекстремниот дел од планинарењето. Бидејки својствено на мене, се трудам да ги реализирам моите идеи, двајцата се најдовме кај браната на Матка, онаму каде што започнува насоката.
И ги дадов најважните инструкции пред да почнеме да качуваме, за порелаксирано да започне. Онака како што мене ми ги даваа кога ги правев моите први чекори пред многу години. И објаснив како да ме осигурува со &ldquo осмица&rdquo, и како да реагира доколку се случи да има пад. Поставував карабинери за време на целото искачуванје за да добие согледувања како тече целиот процес на искачување, и меѓусебното обезбедување. По првата должина од јажето, на ред е Мила. И довикнувам да се припреми, и да тргне. Иако за цело време врнеше дожд и беше доста лизгаво, очекував дека ќе има некои мали проблеми. Но сепак тоа не се случи. До мене пристигнува насмеано лице, и јас добив уште една потврда дека согледувањата од Трпејца беа исправни. Мило ми беше што сето ова го доживува како едно убаво искуство, а не како нешто што ја плаши. Всушност тоа е она што ги тера напред оние што продолжуваат со своите настојувања да напредуваат во алпинизмот. Да најдат содржина и исполнетост во сето ова. Со секое пристигнување до мене, го гледав истото она насмеано лице, и така беше се до врвот. Горе си честитавме за успешната акција, и си посакавме ова да не биде нејзино последно, и единствено алпинистичко искуство.
За да го комплетираме целото доживување, по пристигнувањето долу, со нашите другари што не чекаа додека се уште врнеше, седнавме во ресторанот &ldquo Мечкина дупка&rdquo . Се послуживме со чај, кафе, а богами некој и со чашка ракија (Мила честеше). Си помислив за моментот тоа утро, дека времето не не сака тој ден, но сепак бевме исполнети со убаво чувство на задоволство после се. Уште еден пример дека расположението доаѓа со добро друштво, и реализација на нашите идеи.
Пишува: Слободан Јованоски – Боби
Назад кон извештаите