01.09.2012
Со стартот на првото училишно звонче, односно викендот на 1 – 2 септември, шестмина планинари на ПК “Македон” – Линa, Оле, Николчо, Боби, Алек и јас (Дуле – Шулц) по претходен договор на состанок во клубот решивме да ја оствариме договорената дводневна планинарска акција чиј старт беше од с. Патишка Река – Скопско, преку Солунска Глава со крајна цел – с. Богомила – општина Чашка.
Речено сторено, во саботата на 1 Септември со две возила заминавме кон с. Патишка Река, каде пристигнавме околу 09:30 мин. и по кратки подготовки, зачекоривме во шумата над Патишка Река. Времето одлично, топло, но без оние препознатливи 40 – тина степени актуелни за земјава до тој момент. Во релаксирачко темпо, без големи напори и во пријатен разговор ете не за околу два часа над шумата и на чекор од првото бачило на Патишка Река некаде на 1.800 м.н.в. Таму не пречекаа неколку, во прв момент, непријателски расположени кучиња, за веднаш незаинтересирано да поминат покрај нас. Тука имавме намера да направиме мала пауза и да наполниме вода, но за жал, речиси тримесечното отсуство на дождови си го направило своето, па кај чешмата до бачилото ни капка вода . Затоа, си го продолживме патот и за половина час веќе сме на Остри Врв на околу 2. 270 м.н в. на планината Караџица, дел од планинскиот масив Јакупица (Мокра Планина). Овде земаме воздишка и уживаме во погледот, разгледувајќи ги околните врвови – Миленков Камен, Пепељак, а веднаш десно од нас – врвот Убава со 2.300 м.н.в. Тргнавме по самиот срт на Остри Врв, лево од нас глетка која плени со својата убавина и прекрасна панорама на Патишка Река. Продолживме низ падините и широките пространства на Убава, а по еден час погледот ни застана на двете прекрасни – Салакови Езера . Тука никој не може да остане рамнодушен, па веднаш удобно се сместивме на тревата и оние кои носеа фотоапарати побрзаа да ги извадат и да фатат по некоја фотографија, а останатите немо да уживаат во глетката.
Сепак, езерцата не беа нашата крајна дестинација за првиот ден пешачење, па затоа по паузата за јадење моравме да го продолжиме патот кон нашата цел за тој ден, а тоа беа изворите на Кадина Река. Па така, патот продолжи и со мало спуштање надолу и попатна средба со неколку стада овци, ете не до еден бистар поток за да по неколку минути малку подоле ни се отвори и чист извор на вода, односно изворот на Кадина Река, која од Јурукова Карпа на масивот Јакупица или Мокра Планина на висина од околу 2.100 м.н.в извира и и пркоси на големата суша ова лето. Глетката повторно го застанува здивот, па затоа се решаваме токму тука да биде нашиот камп и крајот на првиот ден од нашата планирана акција.
Побрзавме со поставување на шаторите околу 17 часот, се сместивме и гледајќи го заоѓањето на Сонцето се релаксиравме од денешниот ден, во кој поминавме околу 13 км. Ноќта брзо дојде, огнот запален, но никој не спие, причината едноставна. Месечината полна и сите со нетрпение ја очекуваме да се појави од високите карпи околу нас, а таа за миг со сиот свој сјај околу 21 часот ете ја над нас, како сонце во ноќта повторно, овој пат ноќно ужување во она што го носи природата. И конечно, време за спиење околу полноќ, потребно е да се наполнат батериите за следниот ден, а тој не носи преку Солунска Глава, па поради тоа сите правец во шатори. Но, за да не биде сонот едноставен, доцна во ноќта се погрижија еден чопор кучиња од околните бачила, и едноставно го опколија нашиот камп и непрекинато почнаа да лаат. Сите се разбудивме, а Николчо собра храброст и излезе да се “пресмета” со нив, очигледно знаеше како треба, па за кратко тие не оставија да го продолжиме сонот.
Втор ден: Сонцето уште рано изутрина ни ги светна шаторите, па околу 9 часот сите надвор, со дуручек во рака и прибирање на кампот. Околу 10: 30 час. тргнавме кон првата нагорнина, за потоа, по половина час движење низ долно Бегово Поле да дојдеме до патот кој го дели Бегово и кој води кон Солунска Глава. Зимаме здив и продолживме нагоре, каде се забележува неубава глетка од нашата лева страна, а тоа е пожар кој беснее околу Бегово, кој го заматува погледот, за жал.
Околу 14:00 часот ете сме на 2.540 м.н.в на Солунска Глава, врв на планината Јакупица. По неколку фотографии тргнавме надолу, овој пат од другата страна на планината, кон горна Бабина Дупка, лево од нас прекрасните Нежилови Стени (карпи), мамка за секој љубител на поекстремниот алпинизам. По последната средба со овчарите и нивните стада, влегуваме во ниската борова шумичка за да стигнеме до долна Бабина Дупка. Правиме една од последните паузи за да се напиеме свежа вода од чешмата и продолжуваме кон планинарскиот дом “Чеплес” (1.450 м.н.в.). Таму сме околу 17 часот, се поздравивме со домаќините и право низ шумата кон с. Папрадиште. Низ шумата прескокнувајќи ја реката Бабуна и собирајќи по некоја шумска капина и јаболка, околу 19 часот пристигнавме во с. Папрадиште, веднаш до планинарскиот дом. Овде и официјално заврши нашето пешачење, каде вториот ден поминавме околу 18 км. До Богомила моравме со превоз, бидејќи возот за Скопе во Богомила беше во 20:00 часот. Стигнавме на време, се качивме и по два часа се истоваривме на железничката станица во Скопје. Се разделивме исполнети и опиени од убавините на пределите и одличното дружење што ги поминавме викендот.
Дуле – Шулц
Николчо и Дуле
Назад кон извештаите