05.08.2016
Веќе некоја година желба ми беше да изодам некоја долга трансверзала, патека која не е класична тура на искачување некој врв и враќање назад, туку продолжува понатаму.
Токму оваа година сосема случајно решив да се придружам на планинарите кои секоја година традиционално ја одат Илинденската трансверзала од Скопје до Охрид.
Другар ми Војо, со кој редовно движиме на планинарски тури, беше заинтересиран за оваа долга тура, која се оди речиси 9-10 дена, но никако не можевме да дојдеме до официјалниот настан и луѓето кои ќе одат на трансверзалата. На два дена пред тргање решивме, ако не ги најдеме луѓево ќе тргнеме ние, половина пат го знаевме, но другата половина не, па ќе се снаоѓавме. На 1 ден пред тргање, односно на 28 јули попладнето веќе имавме контакт со луѓето кои ќе ја одат трансверзалата, но тие веќе биле во пл. дом Караџица, па ние решивме следното утро рано да тргнеме од село Долно Количани и во 1 ден да успееме да ги стигнеме во пл. дом Чеплес.
Петокот на 29 јули спакувани со тешки ранци во кои носевме вреќи за спиење, еден шатор, облека и храна за некои 4 дена до Крушево се упативме на железничка станица да го фатиме приградскиот автобус со број 74 до село Долно Количани, мислејќи дека оди и до Горно Количани но утринскиот не одел. Но за наша беља и несреќа од планирани двајца се појави и трет „учесник“ и кучето Фели на Војо, мислејќи дека оваа особа само ќе не допрати до автобусот и ќе си замине, но со цел памет што го нема влезе со нас и тргна кон Количани, мислејќи дека таму ќе се врати со истиот автобус. И тоа не се случи на крај и тргна со нас. По патот до Преслап фативме малку брзо темпо, со што третиот „учесник“ не можеше да не следи. После половина час движење стопирав црвен пикап кој ме префрли до Преслап, а Војо и третото лице беа доста зад мене, но по некое време фатиле превоз до Принц.
Од Преслап движев сам по шумата надолу до Кадина река и после нагоре до Алдинци и пл. дом Караџица, мислејќи дека останативе стигнале, но ги чекав некои 20-30 минути. Здогледав еден џип како влегува во дворот на планинарскиот дом и ете ги „моите“ во него.
Овде јадевме, одморивме малку, надевајќи се дека некој ќе се враќа кон Драчево да го врати третиот „учесник“, но ништо, па продолживме кон Дуње, а до таму не чекаше дооолг пат по жешкото сонце и тешките ранци на нас. На чаталот пред Дуње каде за Дуње се продолжува кон лево, третиот „учесник“ фати кон десно и со цел памет продолжи по тој пат, а ние чекавме на Дуње да се појави. За среќа на Дуње ги начекавме Гоце и Златко на неколку дневен кампинг, тука малку ни олесни, бидејќи веќе размислувавме пак за опцијата да го отстраниме третиот учесник, некој од нив да го вратат до Караџица или Драчево, бидејќи мноогу не кочеше. Веќе беше 17 часот а Чеплес беше многу далеку, а третиот „учесник“ ни на видик да се појави, веќе почнавме потера, час и половина по шумите по патеката од чаталот во десно, за на крај да го најдеме на бачилата кои излегуваат по патеката нагоре, овчарите го прибрале и чекале да се појави некој или ќе пријавувале во полиција.
Бидејќи беше доцна Војо и „учесникот“ останаа да преспијат во бачилото, а јас се вратив до Дуње, бидејќи ранците ни беа оставени таму, поставив шатор и преспав таму. Следното утро Војо и третиот учесник се вратија од бачилото, јас веќе бев со спремен ранец за тргнување понатаму, одлуката падна третиот „учесник“ да се враќа со Гоце и Златко кон Караџица или Драчево, а ние продолживме нагоре кон Бегово поле, што веќе ни беше доста полесно.
На Бегово поле направивме пауза на чешмичката, појадувавме и продолживме кон Солунска глава (2540 мнв). Оттаму се спуштивме надолу по Нежилови стени, па по шумата до Чеплес. Овде наидовме на колегите и колешките од ПК Македон, кои беа дојдени на викенд, кои за искачување на Солунска глава, кои за изворите на Бабуна и Бабунски водопад.
Поставивме шатор во дворот на домот, се подруживме со лабавите екипи кои беа дојдени, и да се информираме за патеката до село Крапа. За среќа тука беше присутен Буран кој добро ја познава планината и добро ни го објасни патот, со што следното утро околу 10 часот се упативме кон Даутица и Бел Камен за да се симнеме во село Крапа.
Оваа патека прв пат ја одевме, но лесно се снајдовме, попатно наидовме на неколку бачила и овчари кои ги прашувавме дали сме на правиот пат. Околу 15 часот бевме на околу 45 минути под врвот Бел Камен, каде правевме мала закуска, и за наша беља наидоа 2-јца овчари на коњи кои не прашаа каде одиме, им потврдивме дека одиме кон село Крапа, а тие само ни рекоа па зошто не се спуштите оттука надолу и од шумата право ќе фатите кон Крапа, ние малку радосни дека нема потреба да го качуваме врвот, па ќе одиме по лесна патека до Крапа ги послушавме. Но се заебавме! Ја спуштивме пола планина од сртот, скоро да влеземе во шумата, наидовме на друг овчар кој чисто информативно не праша каде сме се упатиле, и само се намршти и рече „дечки вие сте го утнале патот, овде ќе се спуштите во село Белица, а село Крапа ви е од другата страна на овој срт, но имате доста одење“. Тоа е двајца овчари ќе те излажат, третиот ќе ти го каже патот. Од овде не чекаше повторно качување на стрмната падина која ја спуштивме, сонцето страшно пржеше, а тешките ранци на грб уште толку не уморуваа, но што е тука е, мора да се вратиме на патеката.
Стигнавме на сртот, но до Крапа не делеа уште можеби 2 и пол до 3 часа одење, а веќе беше околу 18:30 часот. Среќа на телефонот што фатив мрежа и интернет на 1800 метри и мала проверка на GPS во кој правец е с. Крапа, правецот беше баш тој како што спомна овчарот и почнавме да се спуштаме од другата страна на сртот, но многу одевме, дури не знаевме ни каде, бидејќи немаше нигде маркации. Не фати квечерина, 20 часот, резерви на вода веќе немавме, но слушавме поток во долот, и решивме да го следиме, да наполниме вода и од исцпреност до каде стигнеме таму да го поставиме шаторот. Така и бидна, во бездна со високи папрати, и поток до нас го поставивме шаторот и преноќивме, за следното утро рано да го бараме патот.
Следното утро околу 6 и пол часот веќе бевме тргнати во потрага по патот за Крапа, во борба со високи папрати и треви, на крај да влеземе во длабока шума, и следејќи ги сртовите од страна за ориентир се спуштивме до Крапска река, а од другата страна на реката пат за џипови, оттука веќе доста ни олесни веќе знаевме дека сме на некоја правилна патека која ќе не однесе до негде. Наидувавме кон патокази, објекти и после час и половина движење по овој пат конечно селото, село Крапа, каде не дочекаа мештаните, во локалната кооперација пиевме по некое сокче и благо за враќање на енергијата, муабет со локалците и план како понатаму до Крушево.
Локалците не информираа дека групата што е на пат за Крушево, пред две вечери спиеле во Крапа, а ние сеуште не ги стигнавме, но денес беше денот да стигнеме во Крушево. Не информираа и за планинарска патека која оди кон Крушево попатно поминува низ некои села, но бидејќи не сакавме да одиме на неиспитан терен решивме да движиме по асфалтниот пат надолу до Дебреште. За среќа се погоди и човек со кола кој се симнуваше до таму па не префрли, а оттаму преку Лажани до Кривогаштани пешки, за на крај по патот за Крушево нагоре. Околу 17 часот бевме во Крушево, земавме здив во локалните кафулиња, за потоа да ја најдеме групата и да се споиме со нив.
Тие се сместиле во куќа кај пријателка на водичот Благоја, а ние повторно си го поставивме шаторот во дворот во куќата и тука останавме ден и пол.
Утрото на 2-ри Август рано изутрина отидовме на појадок на крушевски бурек и оттаму по планинарска патека отидовме до Мечкин камен, на церемонијата по повод празникот и по некоја фотографија на местото.
Прв пат да присуствувам на церемонијата за 2-ри Август на Мечкин камен, од луѓето присутни таму наидов на муабети дека порано било многу побројно, а годинава слабо. Покрај тоа како што е ред за Илинден, изврна силен дожд, за време на церемонијата, а после тоа полека го фативме патот кон Крушево, и попладнето слободни активности за следното утро да продолживме кон Охрид, односно за тој ден преку Бушева планина да стигнеме до село Базерник каде ќе се ноќева.
Во Крушево се најадовме, прошетавме низ центарот, го посетивме споменикот Македониум, гробот на Тоше Проески, крушевско езеро, присуствувавме на концертот на Игор Џамбазов кој се одржа на плоштадот горе на 1ви август вечерта.
За беља вечерта, ноќ пред тргнување кон следната цел, толку ми се слоши, што мислам дека фатив тровање од храната што ја јадев дента во Крушево, што следното утро се мислев дали да продолжам понатаму или да се откажам тука, но сабајлето како подобро да беше, па решив да одам, но сепак болката во желудникот по пат не прекина, апетит ич, малаксаност, добро е што стигнав до село Кочишта за да морам да ја напуштам групата, Охрид беше предалеку во тој момент. Благоја како искусен водач, реши да не ме остави сам по патот кон Демир Хисар, реши Војо да ми се придружи. Тие продолжија нагоре по планината, а јас и Војо по асфалтниот пат до Демир Хисар. Мислевме ќе наидеме на некој превоз, но 2 часа движејќи се по жешкото сонце, жешкиот асфалт, со тешките ранци и малаксаност негде кај село Ракитница се појави возило кое го стопирав, и не префрли до Демир Хисар надевајќи се ќе фатиме некој автобус до Скопје, Кичево или Битола. Но автобуската во Демир Хисар ко оставена во времето, никој не се движи, не работи поради одмори, па решивме пак автостоп до Битола, но се погоди човек кој вози такси секојдневно до Битола, не префрли за багателна цена, за оттаму јас да продолжам со автобус за Скопје, а Војо се јави на другар од Охрид да го земе за Охрид поради што кучката Фели никој не ја примаше во автобус, а потоа од Охрид после некој ден со кола да се врати за Скопје.
Како заклучок, изгледа не ни било пишано оваа година да ја поминеме целосно трансверзалата, куп перипетии и проблеми имавме попатно, но доста научивме и искусивме.
Така да постои и следен пат!
Деско
Деско
Назад кон извештаите