Пролетно искачување на Љуботен 2.499 мнв (03.05.2015)

11.05.2015

Љуботен, прва лекција кога е во прашање планинарењето. Еден од поубавите врвови. Мојот омилен. Кога би ме прашале зашто омилен, би одговорил: можеби поради енергијата. Секој врв еманира со посебна енергија. Е, токму Љуботен ја зрачи онаа енергија која го прави толку посебен. Можеби поради пирамидалниот изглед. Можеби и поради тоа што ја крунисува Шара на нејзиниот раб. Сепак, беа тоа дел од причините поради кој се одлучив за искачување на овој врв. До сега македонските планини беа покриени со навистина многу снег.

Гледајќи ја Шара од Водно, сега веќе беше доста шарено, што значи беше вистинското време за новата пролетна сезона. Времето сериозно топло, прогнозата и повеќе од солидна. Би било тоа не претерано тешко искачување, но со сите аспекти на една убава тура. Не многу долга, но со стрмни делови и еден изложен гребен, кој знае да биде и опасен во одредени услови. Токму тие параметри беа одлучувачки да го изберам како денешно искачување за отворање на сезоната со една отворена тура.

Викендот беше продолжен. Немаше многу луѓе по градот. Но, сепак, едно комбе брзо се наполни со љубителите на планината. Ни се придружија и неколку автомобили. Тргнување стандардно во 6 часот кон Старо Село, од каде започнува искачувањето. За еден час бевме на стартна позиција. Полнење вода на чешмата излезот од селото и… Тргнуваме! Пополека и релаксирано. Некако никој не брзаше, што обично се случува на групните тури. Една половина напред, другата одзади задлабочена во утринските муабети. Не повеќе од час и половина до домот, на некои 1.400 метри надморска висина, но нас ни требаа скоро два. Со доста паузи, доста сликање и одмор, без многу итање се приближувавме кон домот по сувиот макадам. Една слика кај видиковецот пред водопадот. Друга малку погоре и секако пред домот кај Мите. Снег по патот немаше воопшто, освен на кривината непосредно пред домот. Но и таа пречка ја изгазивме.

Тука беше првата поголема пауза. Кој сендвич, кој чајче, кафе или дополнување на резервите со вода. За кратко и со одморот беше готово и сите на втората стартна позиција, насочени кон врвот. Спреми се. Тргнувај! Повторно некако поделени во една група напред, една одзади се искачуваше кон врвот. И повторно без брзање. Од домот до горе требаат можеби два и пол часа, ете, нека се три. Денот е пред нас и на никој не му се брзаше, туку напротив беше битно да се ужива во она што Шара ни го даде овој ден. А она што и го дава името на оваа планина тука јасно се забележуваше. Имаше јазици снег тук таму расфрлани по падините, кои и ја даваа на Шара нејзината диференција специфика. Само кон врвот, искачувањето на оној јужен гребен, кој и го дава пирамидалниот изглед забележлив од Скопје, беше со снег. Но и тој не претставуваше проблем за ентузијазмот, со кој малите групи се приближуваа кон 2.499-те метри. Некој нагоре, а некој веќе надоле. За скоро се сретнавме горе со честитање, цапајќи во последните зимски остатоци.

Не би должел многу околу техничките детали за искачувањето, параметри, пристапи… Секој кој ја љуби планината би требало да ги знае, а и не се пишува за Љуботен прв пат, иако имаше и такви кои за првпат беа таму горе на 2.499 метри надморска висина, не можејќи да ја сопрат нивната радост за тој свој интимен подвиг. А конечно и кога ќе тргнете од самото село има и табла со објаснување, добра маркација, така што патот кон висините не може да го промашите. Потребна е само цврста волја и љубов кон планините. Се друго ќе ви биде подарено од Љуботен.

Тони Димитров

Сите

Назад кон извештаите
  • Vrsnik Step Marketi Velo Helo FPSM Bonita Alga San Alga San Sport Lab ProCredit Bank