22.06.2015
ПК Македон беше дел од 20-от Меморијален марш „Марко Илиевски“ на ПК Тетекс , при што заедно со планинари од повеќе планинарски клубови ја искачувавме месноста Горна Лешница.
Најпрво екипата се собра на стандардното зборно место пред Веро во Тафталиџе, но временската состојба на тргнување воопшто не беше ветувачка, врнеше-истураше. Но, ние сепак верувавме на прогнозата за Шар Планина за тој ден, која предвидуваше дека до 11 часот можеби ќе има врнежи, а потоа ќе настапи разведрување. Така и беше.
Вреди да се спомене моментот дека од Скопје, 90 проценти кои тргнаа да ја освојуваат Шара, и покрај врнежите, беа жени.
Според предвиденото време, во 8 часот на патеката над планинарскиот дом Јелак им се приклучивме на останатите планинари и го започнавме „походот“.
Не врнеше, но имаше многу магла.Бидејќи ништо не се гледаше, меѓусебе коментиравме дека планината некогаш ти дава можност да замислуваш како би изгледало, кога би било сончево. Истовреме, беше и доста студено. Но тоа не беше пречка за некои 2-3 часа да се искачиме до местото каде што се поставени знаците за Горна Лешница, Среден камен, Титов врв.
До Горна Лешница имавме околу 30 минути пешачење, и оттаму оние кои се чувствуваа подготвени тргнаа да го видат, можеби најубавиот и најголемиот водопад на Шара.
Овојпат времето се смилува, па како што почнавме да се движиме кон водопадот така облаците почнаа да се растеруваат и планината едноставно се отвори. Шара блесна со сета своја убавина во овој период од годината и ја покажа шареноликоста, односно спојот на зеленило, шаренило, синило, белина „исечена“ со острите врвови.
Делот меѓу Горна и Долна Лешница кој патем го нарекуваат и Швајцарија на Балканот, се покажа во неговото најубаво светло. Патеката до таму не е тешка, но на одредени делови е доста каменлива, а беше и лизгава заради врнежите. Сепак, требаше внимание за да не дојде до лизгање и повреда.
Покрај водопадот имавме доволно време да се одмориме, да уживаме, да се фотографираме и да собереме душа.
Во подножјето на Лешница, планината не имаше земено во прегратка. Така можеш и да заспиеш, но подобро е да тргнеш на време, бидејќи повторно те чека долг пат за назад.
Рутата за враќање беше сменета од страна на организаторите, пред се заради безбедноста на планинарите. Како што ни објаснија, имало многу кал заради врнежите па одлучиле да се вратиме од каде што и дојдовме.
Инаку враќањето беше замислено преку Долна Лешница, при што по една кружна патека требаше да стигнеме до Попова Шапка… Но, се вративме од каде што дојдовме…
При враќање назад, иако се движите по истата патека, доживувањето и сликите се сосема поинакви. Тогаш теренот, пејзажот и се друго го набљудувате сосема поразлично.
И на враќање, повторно не стигна маглата која цело време те се појавуваше, те се губеше. Од каде доаѓаше и каде одеше, веројатно само таа знае.
Секоја планина е непредвидлива, ама ова правило посебно важи за Шара.Ништо не може да изненади, таман и да заврнеше снег. Она што треба да го правите секогаш кога одите таму е да имате топла гардероба со себе. Ракавици и дебели чорапи и тоа како беа потребни на ова патување. Топлото и ладното беа како маглата, те едното преовладуваше, те другото.
По пат сретнавме многу стада овци, кои беа распослани на речиси секоја падина. Вреди за пофалба гестот, на две девојки планинарки кои со помош на член на планинарскиот клуб спасија овца, која веројатно залутала надвор од стадото, а и била потребна и некоја медицинска нега. За среќа ја вратија меѓу нејзините, е дали било во вистинското стадо, не дознавме.
Она што исто така ќе остане како пример за почитување на етика на однесување на планина, е што членовите на клубот најодговорно и совесно постапија кон планинарка која ја повреди ногата. Ја носеа во раце и и помагаа се до полицискиот џип со кој беше префрлена до планинарскиот дом Јелак.
Неа успешно ја спуштија до патот, ја згрижија е после си отидоа во бачило, па си се почестија со печен леб под вршник и овчо кисело млеко. Заслужено!
А, ние другите им завидувавме.
Во планинарскиот дом Јелак, стигнавме порано од предвиденото. Таму, домаќините имаа подготвено ручек за учесниците на акцијата.
Кога добро се одморивме, одмрзнавме, ручавме, земавме душа се упативме назад во Скопје, задоволни од уште една убава дружба на планина и што времето, сепак не послужи.
Овој период е идеален за посета на Шара бидејќи се е зелено, цвеќињата се расцветани, мириса на мајчина душица и на топол чај во зима.
Тони Димитров
Бојана, Тони
Назад кон извештаите