Скопска Црна Гора

21.12.2008

Во неделата наутро во 6 и 30 се најдовме со планинарската тајфа кај новата автобуска станица. На небото сеуште немаше знаци од новиот ден. Така во темнина, по долгата саботна вечер, расонувањето тешко одеше. Дојде време и се качивме во автобусот број 61, упатен кон Скопска Црна Гора.

За мене ова беше првото запознавање од близу со овој крај. До тогаш единствената слика за Скопска Црна Гора ја имав од погледите упатени кон неа од Скопје и од Водно. Си ја замислував со стрмни падини, кои наеднаш се издигнуваат над Скопската котлина. Не можев повеќе да погрешам. Патот на автобусот ми откри дека подножјето на оваа планина е едно големо пространство нанижано со голем број на села. За некои од нив само сум начул дека постојат а за останатите воопшто немав чуено. Ги поминавме Бразда, Четири Воденички, Бањани, Кучевишка Бара и Чифлик. За среќа со нас беше нашиот водач Миро, наречен Професорот, кој вистина покажа експертско познавање за целиот крај на Скопска Црна Гора, но и за многу други теми за кои стана збор во целодневното пешачење.

За време на едно- часовното патување со автобусот веќе се беше разденило. Можевме да видиме дека времето не ни беше многу наклонето – прекумерно облачно со слаби врнежи на дожд. Си реков кој ќе кисне сега низ планињево. Но, кога стигнавме во селото Кучевиште, нè чекаше убаво изненадување – она што беше слаб дождец во котлината, тука се беше престорило во бел снежец. Се пребројавме (седумина), каснавме пред кооперација и кинисавме угоре. На наше задоволство, бевме првите чии стапки ропкаа низ свежиот утрински снег. А снегот беше напластен насекаде. За некои од нас ова беше првата средба со него годинава.

Нашето напредување беше пропратено со слабо ветре кое вееше низ дрвјата. Полека се искачивме на сртот на едно од брдата кој водеше до областа Рамно и врвот Црн Камен, целта на нашето искачување. Тука снежниот пејсаж ни го разубави сонцето кое се појави низ облаците. Беше глетка за уживање. Малку потаму стигнавме до една чешма каде направивме пауза и се закрепивме со храната што ја носевме.

Продолживме понатаму и полека се приближивме до местото Рамно каде како и нашата водеа и патеките по сртовите на соседните ридови. Но глетката не беше убава. Горе на Рамно немаше сонце туку бура. Навистина, како повеќе се приближувавме така ветрот засилуваше а сонцето веќе се беше повлекло зад облаците. Кога стигнавме до голината нè пречека силна виулица која ни фрлаше остри снегулки в лице. Во меќавата беше тешко движењето, па дури и стоењето. Додека се свртев да облечам долги ракави под јакната, ќе ме оддуваше ветер, а капата во тие две три минути сосема ми ја покри снег.

Тогаш, поради лошите временски услови и несоодветната опрема на еден од членовите (мојата : ), Бојан, во улога на одговорен за турата, реши да отстапиме од понатмошно искачување. Ова не помина лесно кај поекстремниот дел од групата, но сепак, освојувањето на Црн Камен беше оставено за некој друг поубав ден.

Патот назад не водеше преку Бродец кон Побожје. Глетката беше неповторлива. Сонце се беше отворило над Скопската котлина и целата беше украсена со зраци кои се пробиваа низ облаците. Уште поинтересен беше снегот, кој паѓаше во облик на мали ледени топчиња, налик на ситен град или ронки стиропор. Беше како песок! Во Бродец бевме на патерица на Св. Никола кај Миле, еден од членовите на нашата група, кој имаше донесено дел од свечената софра со него. Комплименти за готвачот! Имаше од сè – сарми, риба, салата, баклава и сè беше превкусно. Секако со сето тоа одеше и добра ракија – вистинска гозба! За многу години слава!

Од Бродец се стуривме удолу покрај еден поток, крај кој сретнавме многу воденички. Велат ги имало четириесетина. Веќе немаше снег, но пак беше интересно. По кратко пешачење стигнавме до Побожје, таман на време за автобусот во три часот. Но, дел од групата залутавме низ сокаците од селото (колку и смешно тоа да звучи) и за пет минути автобусот ни отиде. Среќа следниот беше за половина час, па времето го искористивме за по едно пиво пред селската кооперација.
Кога стасавме на новата автобуска станица веќе беше мрак, како и кога тргнавме. Беше навистина убава зимска тура.

Бранислав Геразов

Бојан, Бранко

Назад кон извештаите
  • Vrsnik Step Marketi Velo Helo FPSM Bonita Alga San Alga San Sport Lab ProCredit Bank