03.06.2014
Викендот 24-25.05.2014 падна договор за искачување на врвот Солунска Глава и тренинг на последните снежни остатоци на снежникот на Горна Бабина дупка. Од Скопје појдовме четворица (Алек, Петар, Дејан и Дарко) во сабота попладне околу 15:30 часот, па преку село Папрадиште натоварени со доста опрема во домот Чеплес пристигнавме пред стемнување. Точно навреме за да го проследиме финалето од фудбалската лига на шампиони помеѓу Реал и Атлетико.
Следното утро станавме рано, уште пред 4 часот, а по куси подготовки појдовме кон врвот. Утрото беше ведро и пријатно и ни беа потребни околу 2 и пол часа до Солунска Глава. По кратка пауза со целата опрема се спуштивме до Горна Бабина дупка, додека облаците полека го обиколуваа масивот. Имавме доволно време за вежбање на одредени зимски техники, пред дождот да ни ја расипе забавата. На слегување во домот Чеплес одморивме само кратко, со цел што поскоро да стигнеме во Велес на заслужена пастрмајлија.
Александар Кирковски
Александар Кирковски
Назад кон извештаите