СОЛУНСКА ГЛАВА од Чеплес 16- 18 Април 2010

16.04.2010

По уреднотo собирање во 18:00часот на железничката станица во Скопје, групата од 16 храбри планинари не исплашени од изобилните врнежи од дожд и град што се појави половина час пред тоа се качи на возот за Богомила малку пред 19:00часот.

(Доцнењето на возовите е тема што се повторува во оваа приказна.) Од железничката станица во Богомила се качивме во комби до село Нижиливо до рибникот, но поради големината на групата комбито мораше да направи две тури. Беше околу 22:00 часот кога тргнавме нагоре кон планинарскиот дом Чеплес. Ситен дожд или роса ни следеше скоро по целиот пат и качувањето беше по сериозна стрмнина. Оние коишто стигнаа први веднаш се фатија за работа.Кога стигна целата група на Чеплес имаше згреано вода за чај и за готвење.Се јадеше супа и јуфки пред спијење.

Тргнувањето утредента беше во 7:30часот и тоа во магла. Се најдовме во снег малку под долна Бабина дупка и длабок снег од 70-80сантиметри. Снегот не следеше од долна до горна Бабина дупка украсен со паднатите борови кои претставуваа пречка,но сепак доволно да ни биде интересно. Кога излеговме на последниот дел од патот крај Нижилови стени поради ветерот снег речиси и да немаше , но видливоста сепак беше минимлана и поглед на прекрасните карпи и пејзажи немаше. На врвот Солунска Глава ни пречекаа војниците и полицајците од станицата со топол чај и малку муабет. Условите горе беа остри со многу снег, ветер и магла и претпазливо ја заобиколивме метеоролошката станица за да стигнаме на северната страна за да се слеземе кон Бегово Поле. И покрај повременото делумно расчистување на маглата тешко беше да се најде патот, но слушајќи го советот од војниците фативме кон патот за возила и по спуштањето околу 300м одевме по тој пат по азимот. Во еден момент патот се загуби тотално и тоа во многу стрмен дел. Аце ,кој беше прв во линијата пропадне одеднаш во снегот до градите нозите му беа виселе во некаква пукнатина(дупка). Благодарение на по присебноста и подготвеноста на Љупчо и Дуле, Аце беше безбедно изваден и групата се повлече дисциплинирано. Одлуката беше донесена да пробаме одозгора над патот и најголем дел од групата тргна нагоре додека Дуле трчаше горе да најде друг начин да поминеме. Во еден момент, тројца кои останаа дол видоа можност за спуштање и тргнаа по патот од кадешто се вративме додека другите продолжија да се качуваат погоре. Кога беше очигледно дека ни од таму не се гледаше доволно да поминеме безбедно, групата се врати да се качи уште еднаш кон Солунска Глава и тоа во рекордно брзо време и со едно располежение коешто беше за поздравување со оглед на ситуацијата.

На врвот се испитуваше можноста да се оди од другата страна кај боровите и хелиодромот, но пак видливоста и снегот во изобилие претставуваа пак проблем. Со оглед дека беше веќе 16:00ч. одлучувме да се вратиме кон Чеплес. При симнувањето малку се отвори небото на јужната страна и уживавме во 15 минути сонце пред да се спуштиме повторно низ сенжливите борови. Сонцето и контактот поставен со тројцата кои се одделија од групата не вратија сите во добро расположенија. Последните стигнаа во домот малку по 20:00. Чудо беше колку храна излезе од ранците со оглед дека грав требаше да јадеме во Караџица и не беше во план да готвиме и уживавме во супи, тестинини, риби, и доброто друштво на други планинари од Србија, Бугарија, Битола и Прилеп. Утредента по фотографирањето и поздравувањето со домарот се спуштавме кон селото Папрадиште да ја видиме прекрасната црква Св. Петар и Павле и симпатичното село. Низ шуми и ливади, со вода што течеше од сите страни слеговме до железничката станица Ореше, која беше само руина со мал тревник крај пругата. Сонцето,шегите,смеењето и храната што остана во ранците и веселото друштво ни помогнаа да минаме незаборавни три часа во чекање на возот. Со доцнењето од само два и пол часа стигнавме во Скопје задоволни од целата тура.

Сали Брајтон Мицова

Никола, Виктор

Назад кон извештаите
  • Vrsnik Step Marketi Velo Helo FPSM Bonita Alga San Alga San Sport Lab ProCredit Bank