05.10.2012
По успешното завршување на проектот “Планинарска Трансверзала Македон” -маркирање, расчистување и поставување патоказни табли на планинарската патека која ги опфаќа планините: Јакупица, Мунџица и Китка, во должина од 51 км. со највисоката точка – врвот Солунска Глава (2.540м.н.в), ПК “Македон” изведе тридневна планинарска акција, поминувајќи ја должината на целата патека. Учесници во акцијата: Марјан -Макси, Слободан-Боби, Дебарлиев, Петар, Николчо, Верче, Никола Тануровски, Лина, Александра, Влатко, Горан и Цаци.
Во петокот, во 19:30 час. со воз тргнавме од Скопје до железничката станица Ореше. Искачувањето го започнавме во 22:00 час. од Ореше преку с. Папрадиште до планинарскиот дом Чеплес (1.450 м.н.в), стигнувајки за три и пол часа ноќно пешачење по маркирана шумска патека. По сместувањето во домот во 01:30 час. и околу домот со шатори, и покрај малиот умор поради одењето во доцните ноќни саати и искачувањето натоварени со ранци, шатори, подметачи, вреќи за спиење, продолживме со полноќна дружба во просториите од домот, со мала закуска од храна, винце и по некоја ракијка….
Сабота (06.10.2012) утрото, во 8:30 тргнавме од домот, искачувајки го врвот Солунска Глава. Со неколку кратки паузи, користејки ги не само за одмор, туку и за уживање и фотографирање на прекрасните панорами кои ги овозможува планинскиот масив Јакупица, со својата природна пирамида од врв – Солунска Глава. Врвот е опкружен со зеленило од Солунското Поле од една страна, и Нежилови Карпи, кои оставаат без здив со својата висина од 700 м. и должина од 1,5 км.од друга страна. На врвот стигнавме во период од 12:30 до 13:00 час. По еден час одмор и уживање на сончевите зраци кои се реткост за овој дел од годината на врв од 2540 м.н.в. познат со брзи временски промени во текот на еден ден, продолживме симнуваји се кон Бегово Поле и до пл.дом Карџица. По пристигнувањето во домот околу 18:00 час. еден дел од групата се сместија во домот, додека останатите 7 члена со шатори на ливадата на Мунџица, каде што во вечерните часови продолживме со мала забава покрај логорскиот огин, во дружба со гостите од домот.
Според договорот, во неделата, во 9:30 час. продолживме преку с. Алдинци, спуштајќи се низ шумска патека кон Кадина река, решени појадокот да го направиме под дебелите сенки на реката. По малата пауза за појадок и разладувањето во ладните води од Кадина река, продолживме кон месноста Преслап, од каде го започнавме искачувањето на планината Китка до планинарскиот дом. По малку подолг одмор искористен за одмарање на зеленилото пред домот, околу 15:00 час. продолживме до крајната дестинација на ова тридневно пешачење, до с. Горно Количани каде што во 17:00 час, имавме договорено превоз до Скопје.
Се на се, прекрасна тридневна планинарска акција, помината со ведро и весело расположение на сите учесници, со добро маркирана патека, уживање во убавините од поминатите планински предели и во прекрасно сончево време, кое не служеше сите денови. Сите се вративме среќни и задоволни од успешното изодување на целата патека од трансверзалата, која се надевам во иднина ќе прерасне во традиција на нашиот клуб “Македон” со уште поголем број на учесници.
Цаци
Цаци
Назад кон извештаите