Забава на 2.000 м.н.в. шеста по ред

15.06.2012

За можноста за рок забава на 2.000 м.н.в., првпат прочитав на еден флаер во 2007 год. Бев воодушевена од еден таков спој на две нешта што толку многу ги сакам. Рок и природа. Оваа година, по шести пат, во периодот од 15.06 – 17.06.2012 год. се одржа, сега веќе традиционалната Забава на Бегово Поле.

Тргнувањето беше според планот (со мало, академско задоцнување од 15 минути) во 17:15 час. од новата Железничка Станица. Транспортот на посетителите од нова Железничка Станица до Дрварата во Драчево се одвиваше со претходно ангажирани автобуси. Со оглед на состојбата на патот од Дрварата до Преслап, транспoртот на посетителите мораше да се одвива со пет камиони од АРМ. На Преслап бевме околу 18 час.

Оттаму, поголемиот дел од посетителите се упати пешки до домот Караџица, а два полупразни камиони се упатија директно до домот Караџица. Притоа, потешките работи како ранци, вреќи и шатори (за оние кои носеа) беа натоварени во камионите кои одеа директно од домот, а полесните работи учесниците ги носеа со нив при качувањето од Преслап до домот Караџица. Но, и покрај тоа што групата што одеше пешки и натоварените камиони тргнаа заедно од Преслап, до домот стигнаа речиси истовремено, околу 21:30 час.

По пристигнувањето во домот, учесниците беа сместени во шатори претходно поставени од организаторот ПК “Македон”, во округот на домот Караџица, а дел во шатори, поставени на ливадата на Мунџица, која се наоѓа на две минути од домот. За сите учесници беа обезбедени вреќи и подметачи од страна на организаторот.

Не само саботата, туку и во текот на цело престојување на Караџица, учесниците имаа можност да бираат забава во рамките на домот Караџица и на Мунџица. Имено, во домот Караџица се одвиваше главната забава со гласна музика, пеење и забава до раните утрински часови. Додека, на Мунџица се одививаше забава од поинаков тип, со логорски оган, гитара и тивко испеани балади, со цел да не се разбудат оние кои имаа намера да ја посетат Солунска Глава.

Следниот ден агендата беше следна:
За оние што ја качуваа Солунска Глава – тргнување во 4:45 час.
За оние кои до Бегово Поле одеа пешки – тргнување во 7:45 час.
За оние кои до Бегово Поле одеа со камиони – тргнување во 8:45 час.

Сите тргнавме речиси во договорените термини. Кон врвот Солунска Глава тргнаа вкупно 33 учесници.  Движејќи се со темпо адекватно на кондицијата на сите учесници, и секако, правејќи ги и потребните паузи, на Бегово Поле пристигнавме во 8:30 час. Таму беше направена подолга пауза која ја искористивме да наполниме вода од изворот на Бегово Поле, а и да уживаме во убавината која ја нуди висорамнината на 2.000 м.н.в. Искачувањето на Солунска Глава од Бегово Поле започна околу 9:15 час. за на самиот врв да бидеме нешто порано од 12 час.  На врвот (2.540 м.н.в.), од страна на војниците на Солунска Глава бевме почестени со топол чај, вода, млеко. Имавме голема среќа што времето беше сончево, а врвовите наоколу се гледаа невообичаено кристално чисто. Имаше дури и отсуство на силен ветер, што е толку типично за Солунска Глава. Следуваше неизбежното фотографирање на врвот и честитање на учесниците за искачениот врв, кои многумина го доживуваа за првпат.

Во меѓувреме, околу 12:30 час. пристигна групата која од домот Караџица тргна пешки, како и камионите кои од домот тргнаа околу 09:30. Рок свирката на Бегово Поле започна околу 13:00 часот.

Без многу брзање, од врвот до Бегово Поле стигнавме во периодот од 14:00 – 14:30 час., каде рок свирката на 2.000 м.н.в. веќе беше почната. Од страна на организаторот ни беа поделени банички и чај. Започна нашиот заслужен одмор, со разменување на впечатоците од преубавото дружење и искачување на  врвот Солунска Глава. Иако беше многу топло, дечките од бендот “Фулстринг” успеаа да направат одлична атмосфера. Морам да го пофалам и нашиот Дуле – диџеј Шулц, член на ПК “Македон”, кој исто така, пушташе супер музика.

За назад, имаше опции дел од учесниците да се вратат со камион, при што еден тргна во 14:30, а другиот по 15:30 час., како и најубавата можност за враќање –  пеш.  Ние ја искористивме втората можност, тргнувајќи во 15:30 час., како последна група која од Бегово Поле тргна пеш за назад. Бeз особено брзање, со неколку паузи и со најмалку три пати кажаните „уште 15 минути до домот“, во 18:15 час. стигнавме до домот Караџица.

Таму нѐ чекаше одлично војничко гравче и салата, што после толку пешачење, верувајте ви изгледа како највкусното нешто што сте го пробале во животот. По ручекот, следеше мал одмор и околу 21:00 почна рок забавата пред домот Караџица. Свирката траеше отприлика до 02:00 час. , а потоа имаше “after party” крај логорските огнови во округот на домот Караџица и Мунџица.

Следниот ден, во неделата, будење во 09:00 час.  и растурање на шаторите. Дел од учесниците во 07:30 се упатија кон карпата во облик на Жаба и реката Ејлагица, кои се наоѓаат на околу 30 мин. од домот Караџица. Тргнувањето од домот Караџица беше организирано во повеќе групи, почнувајќи од 12:00 – 13:30 часот. Со оглед на тоа што овој предел е богат со кантарион, мајчина душица и ајдучка трева, речиси секој од нас ги наполни резервите со чај за оваа зима. Неизоставен дел од враќањето назад беше и брцкањето во Кадина Река.
Пристигнувањето во Преслап беше во периодот од 16:30 – 17:00 час., кога и се тргна назад за Скопје. Пред Дрварата во Драчево бевме отприлика кај 18:00 часот, каде повторно нѐ чекаа aвтобуси, кои не префрлија до новата Железничка Станица.

Сѐ на се, одличен викенд проследен со дружење, планинарење и забава.

Се гледаме следната година!

Александра Моцановска

Петар и Дуле

Назад кон извештаите
  • Scout Nomad Mobility Garmin Intersport Step Marketi Stop&Go