22.02.2016
Врвот Пелистер во зима е вистински предизвик да се искачи, посебно по камењарот, навидум кратка, но потешка патека поради технички специфичниот приод до врвот.
После толку летни искачувања на Пелистер низ годините, по сите можни патеки, редно беше да се направи и зимско искачување, кое едвај чекав да се реализира.
Следејќи го времето изминатата недела, викендов што претстоеше изгледаше како идеален за ова искачување. Првичниот предлог план беше доколку условите дозволат сабота да го искачиме Пелистер, а неделата да им се придружиме на друга група планинари кои планираа искачување на Кајмакчалан на Ниџе. Но бидејќи саботата временските услови беа лоши, со врнежи, сепак се решивме да остане да се искачиме на Пелистер во недела, што според прогнозата беше најавен убав сончев ден, но и доста ветровит.
Во саботата наутро јас (Деско), Војо и Петар се упативме кон Битола, каде денот го поминавме речиси лежерно, битолска шема низ дождливиот Широк сокак, некое кафанче, вечерта на по некое пивце по битолските кафулиња, но без заглавувања за да се наспиеме за утрешниот ден. Спиевме кај мене во куќа.
Следниот ден се разбудиме во 5 часот утрото, набрзина ги спремивме ранците, се напивме некое кафенце, набрзина нешто каснавме, а Војо веќе почна сериозно да се предомислува за ова искачување, поради недостаток на опрема и лош избор на дерези, кои во никој случај немаше да му бидат припомош. Ни рече „дечки терајте вие, јас ќе останам овде, ќе прелегнам, еве ви клучевите од колата, убав помин горе!“. Бидејќи не ја знаевме состојбата на снегот горе, дали ќе има потреба од дерези или не, не знаевме дали да го убедуваме Војо да дојде или не, но на крај сепак добра одлука.
Веќе беше 5:45 часот и со Петар веќе движевме на кај планината, до хотел Молика, каде ја оставивме колата. Денот веќе се будеше, на исток на хоризонтот веќе се исцрта цела сончева линија, а сонцето само што не излегло.
Околу 6:30 часот почнавме да движиме од хотел Молика кон Копанки, првата станица за краток одмор и прераспоред на опрема за следните етапи. Овде ни се придружи уште еден планинар од Битола, Виктор Калаузи, доста искусен планинар, кој тргнал да го качува Пелистер по камењарот, што за него претставува чиста прошетка по матичната планина.
Оттука тргнавме по ски патеката нагоре, каде имаше само свежо нанесен снег од претходниот ден. Шумскиот предел веќе го напуштавме, многу брзо стигнавме до видиковецот кој се наоѓа на околу 2000 метри, направивме пауза за некоја закуска да внесеме енергија за стрмниот дел по камењарот.
Снегот на сртот кој води до врвот Стив беше прилично стегнат каде веќе ставивме дерези и извадивме цепини, за побезбедно качување нагоре. Камењата само надзираа над длабокиот снег кој продрел длабоко, па го немавме она класично скокање од камен на камен, туку движење по стегнат снег се до врвот Стив.
Од Стив се спуштивме до седлото за кон врвот Илинден кој го заобиколивме до негде, и веќе бевме пред Антената на Пелистер. На врв бевме во 12:30 часот. Отидовме до спомен плочата на Димитар Илиевски – Мурато која стои на самиот врв, од каде се пружа неверојатен поглед наоколу, а посебно над Преспанско езеро. Времето беше кристално чисто, и се пружаа погледи кон сите планински масиви низ Македонија, и надалеку кон Грција, Албанија и во далечините на исток кон Бугарија.
Направивме по некоја фотографија и се вративме во објектот, каде домаќините не вдомија на кратко, не почестија со шолја чај, направивме мала пауза да каснеме нешто, пред јас и Петар да продолжиме кон Големо езеро, а додека Виктор реши да се симнува по патеката Болници.
Меѓу присутните во објектот беше и синот на Диме Мурато, кој ни даде неколку совети на што да припазиме на патот кон Големо езеро, и од каде да не движиме.
Околу 13 часот почнавме да движиме кон Големо езеро, цело време по срт преку скоро сите врвчиња, Широко Стапало, Партизански врв, Ветерница па се до Големо езеро. Попатно уживавме во зимските убавини на Баба планина и неверојатниот поглед кон Преспанско езеро со островите Голем и Мал град, кои цело време ни го привлекуваа погледот.
Околу 16 часот стигнавме на Големо езеро, каде малку земавме душа од пресилниот ветер кој постојано не следеше со удари од 80 до 100 км/ч. Оттука не чекаше долг пат до Ниже Поле, снегот овде беше доста растопен каде подолу воопшто го немаше.
Во Ниже Поле стигнавме околу 18:30 часот, каде долу не чекаше такси кое требаше да не врати горе до хотел Молика да си ја земеме колата и да се вратиме во Битола.
Во Битола го собравме Војо, кој денот го поминал шетајќи низ градот, кафе шема по кафулињата. Попатно каснавме нешто, и веќе се упативме кон Скопје, среќни и задоволни од поминатиот ден во планина.
И оваа прилично тешка тура за во зимски услови ќе остане долго запаметена, а на крај целта исполнета.
Деско
Деско
Назад кон извештаите