27.03.2015
Според клубската програма за 2015 година во месец март беше најавена акцијата “Зимско искачување на Триглав 2864 мнв“. Јас како предлагач на акцијата ја имав и улогата на организатор и водич на истата, а за учество се пријавија: Дуле Петрушевски и Дејан Тодевски (ПК Македон – Скопје), Маја Бошкоска (ПК Кораб – Скопје), Димитар Јовановски (ПСК Руен – К.Паланка) и Влада Џорџевиќ (ПК Железничар – Врање).
За Словенија појдовме на 12.03.2015 по деталната анализа на временската прогноза и состојбата на снегот кои беа сосема солидни. Веќе наредното утро пристигнавме на паркингот во долината Крма од каде што започнува стандардниот зимски пристап кон домот Кредарица. Оваа планинарска патека започнува на 950 мнв и до домот е во должина од околу 10-тина km со искачување на над 1500 висински метри. Истата вообичаено се минува за 5-6 часа, а нам ни беа потребни 5:30 часа движејќи се натоварени со тешки ранци полни со храна и опрема. Во домот Кредарица на 2515 мнв пристигнавме околу 14 часот и веднаш се сместивме.
Откако се освеживме со топол чај во разговор со дежурниот метеоролог дознавме дека постои можност наредното утро да немаме убаво време, па тоа ни влијаеше да донесеме одлука да се подготвиме и да го искачиме врвот уште попладнето. По куси подготовки во 15:30 часот се упативме кон врвот, но без Димитар кој одлучи да остане во домот на заслужен одмор. Веднаш воочивме дека снегот на рутата е во одлична состојба и дека нема да има потреба од користење на јаже за обезбедување при искачувањето. Се движевме внимателно по стрмните падини и гребенот кон врвот на мало растојание еден од друг. Сајлите кои вообичаено се користат во летните месеци во поголем дел беа покриени со снег. На врвот пристигнавме во 16:45 часот, изморени од напорната ноќ возење и целиот ден планинарење, но среќни и задоволни. Си честитавме, направивме фотографии и појдовме назад со цел да се симнеме пред да се стемни.
Симнувањето на ваков терен е секогаш посложено од искачувањето па бара и повеќе внимание, затоа на двапати во последните секции го искористивме и јажето. Во домот пристигнавме по 19 часот на освежување и заслужен оброк, надополнет со по чаша црвено вино. Во зимските месеци во домот Кредарица не постои опција за греење во собите и знае да биде навистина студено, па стуткани со по 3-4 кебиња ја минавме ноќта.
Наредното утро ме разбуди Димитар уште пред 7 часот за да ме извести дека времето е ведро и сончево. Имавме договор доколку биде така ние двајцата да се искачиме на врвот, Диме беше решителен во намерата да го искачи Триглав додека мене воопшто не ми пречеше да појдам уште еднаш заедно со него. Домот го напуштивме околу 7:30 часот и се искачувавме полека и внимателно, уживајќи во сончевото утро. Снегот и условите на рутата повторно беа одлични и на врвот пристигнавме во 9 часот. За назад се разминувавме со поголем број на планинари кои го искачуваа Триглав, користејќи ги за тоа најпогодните места на гребенот. На места снегот веќе стануваше мек и затоа во неколку наврати го искористивме и јажето за обезбедување.
По враќањето во Кредарица се спакувавме и го напуштивме домот слегувајќи повторно низ долината Крма. Вечерта имавме резервирано спиење во хостел во Љубљана, а тоа беше и можност за саботна прошетка низ главниот град. На крајот завршивме во новата пивница на Унион, прекрасно место со навистина голем избор на пива кое ни понуди заслужено опуштање по одличната тура. Наредниот ден на пат кон дома на хрватската граница имавме случајна средба со пејачот Бајага, кој благодарение на Димитар ни подари и свое ЦД, а го посетивме и новоотворениот Декатлон во Загреб. Во Скопје пристигнавме на полноќ, сите задоволни и под импресии од оваа авантура, и со малку време за одмор пред понеделничките работни активности.
Александар Кирковски
Сите
Назад кон извештаите